Пријателите и колегите на познатиот адвертајзинг експерт Џереми Булмор претставија нова веб-страница на која слободно ќе бидат достапни неговите професионални дела во богатата 67-годишната кариера во адвертајзинг индустријата.
Џереми Булмор, кој се пензионира од својата улога во агенциската групација WPP на 93-годишна возраст, е еден од највлијателните мислители на адвертајзингот и брендингот, како и плоден јавен говорник, новинар и автор. Магазинот Campaign го опишува како „најголемиот филозоф на адвертајзингот“, додека пак Marketing magazine забележува дека „кога г-дин Булмор зборува, тогаш светот слуша“.
Новата онлајн архива насловена “Best of Bullmore” се обидува да ја сумира неговата богата кариера, која што го опфаќа периодот од лансирањето на комерцијалната телевизија до доаѓањето на ерата на интернетот, и да ги долови духовитоста, мудроста и досетливата интелигенција што тој ги изразува преку неговите непрекинато брилијантни зборови.
Архивата опфаќа сè од неговата улога во лансирањето на брендови како Mr Kipling во агенцијата J. Walter Thompson (и белешка од 1965 година до агенцијата во која ги повикува да размислат за ангажирањето на тогаш младиот режисер Ридли Скот), до неговите есеи во повеќе од 20 годишни извештаи на WPP, урнебесните колумни за The Guardian, Campaign и Management Today, како и неговото партнерство со „кумот“ на стратешкото планирање, Стивен Кинг.
Џереми ја започнал својата кариера во агенцијата J. Walter Thompson London како копирајтер во 1954 година, заминувајќи од таму како претседател на агенцијата во 1987 година, по што работел уште 33 години во групацијата WPP. Неговите многубројни надворешни улоги вклучуваат: претседател на Advertising Association, претседател на The Thirty Club, неизвршен директор на Guardian Media Group, претседател на NABS и претседател на The Market Research Society. Тој бил одликуван како член на „Редот на Британската Империја“ во 1985 година.
Архивата „Најдоброто од Булмор“ е спонзорирана од WPP, а дизајнирана и изградена од Wunderman Thompson. Различни други индустриски организации, вклучувајќи ги The History of Advertising Trust и Haymarket, великодушно придонеле со содржина и поддршка. Раководетел со проектот била поранешната уредничка на Campaign, Керолин Маршал, соработувајќи со извршниот директор на WPP, Марк Рид, и директорот за комуникации и корпоративни работи, Крис Вејд.