Одделението за култура и туризам на Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, се здружи со американскиот актер и борач Џон Сена за својата нова туристичка кампања.
Спотот насловен “Time is Now” („Времето е сега“), отпочнува со сцена во приватниот авион на Џон Сена, каде тој со разочарување ја прима веста од пилотот дека се потребни уште 14 часа за да стигнат до планираната дестинација.
Тогаш Сена почнува да разгледува еден магазин и забележува реклама за Абу Даби, го подигнува погледот кон мониторот пред него и гледа дека само што го одминале градот. Тој оди кај пилотот и бара да го спушти тука, на што пилотот негодува. Тогаш Сена се одлучува да скокне со падобран. Рекламата завршува со безбедното слетување на акционата ѕвезда во Абу Даби и прекрасниот градски пејсаж на хоризонтот.
Кампањата доаѓа како резултат на одлуката на Емиратите да им дозволат слободен влез на сите странски туристи кои се вакцинирани против Ковид-19 или доаѓаат од држави на „зелената листа“, без да мора да отседат во карантин.
Кампањата е реализирана со помош на продукциската куќа Image Nation.