„Специјалниот“ фудбалски менаџер Жозе Мурињо е заштитното лице на кампањата која го промовира официјалниот албум со сликички за претстојното Европско првенство во фудбал за 2024 година.
Во хумористичната кампања, Мурињо го презема раководењето со американската компанија за колекционерски предмети Topps која е задолжена за изработка на официјалните сликички, колекционерски картички и други предмети поврзани со Европското првенство.
Централниот спот на кампањата го прикажува Мурињо како самоуверено влегува во канцелариите на компанијата и веднаш воспоставува контрола, запознавајќи се со вработените, вклучувајќи го и премногу возбудениот Хуан. Притоа, фудбалските фанови ќе забележат повеќе референци кон популарни „мемиња“ поврзани со легендарниот менаџер.
„Со оваа кампања, очекувањата за Европското првенство енормно се зголемуваат за нас како официјален партнер. Уште еднаш, Жозе Мурињо ни покажува зошто го нарекуваат „Специјалниот“ и зошто е совршен избор за нас како бренд амбасадор на продукт менаџер“ – истакнува Патрик Рауш, главен маркетинг директор за Европа, Блискиот Исток и Африка на матичната компанија Fanatics Collectibles.