Популарниот бренд на чоколади Snickers, во сопственост на компанијата Mars Wrigley, лансираше нова реклама во која главен лик е прославениот германски фудбалски тренер и актуелен менаџер на фудбалскиот клуб Ливерпул, Јурген Клоп.
Рекламата го прикажува Клоп како игра фудбалче на маса со три видно помлади тинејџери. Во неговиот препознатлив „стил“, Клоп комично се фрустрира и нервира како може малите пластични „фудбалерчиња“ да бидат поставени во формација 3-5-2 која „никој повеќе не ја игра“.
Тогаш, како продолжение на препознатливата тематика на „Ти не си ти кога си гладен“, соиграчката на Клоп му дава едно чоколатце Snickers кое овој го јаде и потоа се враќа во својата вистинска форма на смирена тинејџерка која само била гладна.
„Мојата фамилија и јас отсекогаш сме ги сакале Snickers и беше навистина тешко за мене да одбијам игра на фудбалче, па така навистина гледав со голем ентузијазам кон ова партнерство уште од првиот момент,“ истакна Клоп по повод рекламата на Snickers.
Спотот бил оригинално сниман уште во 2019 година, но дури сега го дочека своето објавување. Кампањата е создадена со помош на креативната агенција BBDO Düsseldorf и продукциската куќа Cobblestone.