Изминатиов период на многу состаноци со луѓето кои се во медиа-маркетинг индустријата имав прилика да слушнам една те иста фраза како интернет-медиумскиот простор во Македонија е сериозно “задушен“ од сензационалистички вести од типот на “таа и таа старлета се појавила таму и таму во некој клуб без гаќички“ или “го убила супругот нанесувајќи му XX убоди со кујнски нож“ :) и дека копи-пасте интернет новинарството е “професија на иднината во Македонија“ …дека борбата за “импресија плус“ е “главен и одговорен уредник“, целосно занемарувајќи го минимумот на квалитетни содржини…недајбоже авторски текстови, истражувања итн…
За жал, сето тоа во огромен дел е вистина. Можеби тоа не е од денеска и не се однесува само на интернет медиумите, но дефинитивно последниве година-две доживеа невидена прогресија. Е сега прашањето е зошто е тоа така?
Дали грешката тука е само на интернет медиумите или сето ова треба да се разгледува од повисок point of view и во обзир да се земат и другите премиси кои ја комплетираат платформата која ја движи оваа индустрија, а тоа се секако маркетинг агенциите и секако огласувачите.
За да тргнеме сето ова да го анализираме, треба да почнеме од основата, од првото прашање – Зошто да создадам бизнис со интернет медиум ?
Се разбира, освен ако не сме некои големи хуманисти и имаме еден куп пари па сакаме да ги вложиме во медиум кој ќе афирмира определена тема или агенда, првата причина поради која влегуваме во овој бизнис, впрочем како и во секој друг бизнис е ОД него да заработиме.
Ако ги исклучиме сите “не-пазарни“ начини на заработка од интернет-медиум во Македонија (под ова мислам и на разни донации, грантови итн. ), единствен начин кој ни останува е да се натпреваруваме на огласувачкиот пазар и да се обидеме да добиеме реклама-банер од некој огласувач.
Знаејќи ги принципите на кои функционираат поголемите огласувачи, најверојатно местото каде ќе треба прво да тропнеме ќе биде вратата од канцеларијата на медиа-планерот во некоја маркетинг агенција на кого ќе треба да му дадеме параметри кои нему ќе му дадат слобода медиумот да го вклучи во медиа планот за наредната кампања, кој потоа веројатно во координација со задолжениот од кај огласувачот ќе биде финализиран и спроведен.
Параметрите кои треба да ги презентираме најчесто се бројот на посетители и бројот на импресии кои порталот ги остварува. Во последно време со анализите на Gemius, плус се додаваат и некои информации за читателската публика итн.
Хендикепот да немаме јака голема мрежа која под свое ќе има многу медиуми (т.е. ќе можат да се вклучат сите од најмали до најголеми), а потоа контекстуално да ги распределува рекламите – за жал значи дека не секогаш рекламата ќе соодветствува со содржината, т.е. интересите на читателот, но еве да се помолиме AdSense да дојдат што поскоро и после ќе правиме друг муабет :)
Да продолжиме, знаејќи го фактот дека токму тие бројки (посетители и имресии) се во голема мера одлучувачки, интернет медиумите најдоа многу едноставна цака како тоа да го остварат и да бидат високо компетитивни на пазарот со другите конкуренти.
Формулата е повеќе од едноставна.
Број еден реферал од кој доаѓа сообраќајот на интернет медиумите е Фејсбук. Тоа значи дека голема публика на Фејсбук по автоматизам значи голем сообраќај кон веб сајтот, а големата публика на Фејсбук е секако на продажба.
Има повеќе финти како да се направи голема публика на ФБ, а јас во прилог на тоа да не го издолжам уште повеќе текстов ќе споменам само неколку:
– Платени ФБ огласи за зголемување на фановите на ФБ страниците или дирек купување на фанови преку многутте такви сајтови кои тоа го овозможуваат.
– Купување на големи ФБ групи (не мора цела страна, може и закуп на 5-10 постирања на линкови) од типот на “Ја сакам Македонија“ , “Вечно Скопје“ итн. кои паметно си го искористиле убавото време на ФБ :) и си се набилдале со 100.000+ фанови.
– Трета, во последно време најприменлива тактика се ФБ апликациите, social reader-и кои овозможуваат голема виралност на постовите, наградни игри за зголемување на фан базата или за мене најлошата тактика кога се објавуваат ептен бизарни, измислени вести, (минатата недела имаше една дека починал Лионел Меси ) кои за да се прочитаат треба да станете нечиј “ФАН“.
Ете така, кога за месец-два ќе се набилда јака фан база, сега останува само да се продуцираат што е можно повеќе вести во текот на 24 часа кои само ќе се споделуваат и ќе носат сообраќај на страната.
За да продуцираш што повеќе треба да следиш што се објавува по другите медиуми и само да се копира, понекогаш кога се има повеќе време и да се преведи нешто од странство (на српски портали мислам воглавно).
Мислам дека е многу едноставно како да се дојде до портал кој ќе има голема читателска публика, нели ?
Секоја чест на квалитетните веб сајтови кои имаат авторска содржина, објавуваат уникатни вести и имаат многу читатели. Денеска не зборуваме за нив, денеска зборуваме за оние кои објавуваат копи-пасте содржини и одат максимално сензионалистички само за импресија плус, што би значело банерче повеќе !
Е сега каде се тука огласувачите? Епа ако тие мислат дека не е проблем нивната реклама да се појавува било каде, тогаш немаме проблем.
Но, еве еден пример од пред неколку недели: Наш автомобилски дистрибутер имаше реклама, full branding, на еден познат, релативно нов портал, на секцијата црна-хроника. Таму за жал се погоди ден кога сите ударни вести беа сообраќајни несреќи. Во дел од тие вести, возило со кое се случила сообраќајката беше токму од брендот кој имаше full брандинг на страната. Е сега сами можете да претпоставите какви асоцијации предизвикуваше веселата “насмеана“ реклама во таков контекст. Толку.
Вакви примери има мал милион и ќе има се додека огласувачите не почнат да се грижат повеќе за тоа во какви медиуми се појавуваат, каков е нивниот кредибилитет кај јавноста, како станале-тоа што станале, која е нивната публика во детали, кои се нивните интереси, која е нивната платежна моќ итн……а помалку обрнат внимание на тоа дали статијата им била кликната 300 или 400 пати.
Ајде… овие што прават кампањи за brand awareness донекаде можам да ги разберам, ама овие што конкретно рекламираат повик за акција а не внимаваат на факторите кои ги споменав погоре – изгледаат ептен заталкани.
При крај, прашањето од почетокот: Каде ја утнавме?
Тука сам ќе одговорам: Каде ја утнавме – ја утнавме. Време е да се поправиме !
Можеби многу си придавам на мојата професија, но дефинитивно мислам дека ние кои работиме во маркетинг индустријата сме клучот во оваа приказна. Мислам дека нашата улога овдека е најважна.
Ако успееме добро да ги едуцираме нашите клиенти, ако успееме да се договориме да прифатиме повеќе метрики и други фактори кои ќе одлучуваат на кој медиум ќе му ја дадеме довербата да ја комуницира пораката на нашата кампања – работите ќе се сменат.
А за да се договориме, треба да седнеме сите заедно и да пиеме едно кафе !
Ова е мој став и мое мислење за оваа тема, Ве поканувам слободно на порталов да го споделите и Вашето !
Ако Ви се допадна статијава и сакате да ја афирмирате оваа тема, споделете ја статијава на социјалните мрежи….да појачаме и ние некоја импресија плус :) :)