Кога Apple ги лансираше првите AirPods пред три години постоеше скептицизам од страна на потрошувачите во однос на безжичните уреди. Дали ќе стојат во ушите? Колку долго ќе трае нивната батерија? Дали навистина ќе ги заменат жичните слушалки кои биле дел од естетиката на Apple од лансирањето на iPods кампањата „Silhouettes“ во 2003 година?
Одговорот на овие прашања, како што може да се забележи од секојдневието, е потврден. Безжичните AirPods се покажаа како голем успех за Apple и поттикнаа еден цел нов пазар за безжични слушалки.
Меѓутоа, кога дојде време за лансирањето на првата вистинска еволуција на овие слушалки, AirPods Pro, Apple мораше да се одлучи и за нов маркетиншки пристап. Наместо да продаваат и објаснуваат парче технологија, од компанијата се одлучија да презентираат парче култура.
Застранувајќи од традицијата, за лансирањето на новите безжични слушалкии немаше никаков говор од генералниот извршен директор на компанијата Тим Кук. Од друга страна пак, AirPods Pro добија храбра outdoor кампања во размер каков што никој друг продукт не добил досега.
Apple и креативната агенција TBWA\Media Arts Lab го објавија лансирањето на AirPods Pro преку outdoor кампања со две фази. Во првата фаза, џиновски и небрендирани слики на танцувачи се појавија на 16 outdoor панели и на фасадите на 17 продавници на Apple во големи светски центри. Откако новите безжични слушалки беа лансирани, сликите – некои поголеми и од 10 метри во височина – во втората фаза беа надополнети со новите слушалки во ушите на танцувачите, за што во одредени случаи било потребно да се менува и целата слика.
И покрај лимитираниот број на поставени реклами, процесот на развој на кампањата бил комплексен.
Сликите избрани за кампањата биле селектирани од над 30,000 фотографии на танцувачи, професионалци и аматери, со цел да се одберат оние фотографии кои најдобро соодветствуваат на уникатните простори каде што требало да се постават во градови како Њу Јорк, Лос Анџелес, Лондон, Токио, Парис, Дубаи и Милано.
Изборот на фотографии исто така требало да пренесе импресија дека луѓето се спонтано „фатени“ во моментот на уживање во музиката, а не дека позираат за фотоапарат. Визуелните решенија требало да ја истакнат и новата опција на AirPods Pro за блокирање на надворешна бучава.
Една од клучните пораки во оригиналната кампања за лансирањето на првиот модел на AirPods се фокусираше на „ослободителните“ аспекти во нивното носење. Оваа надминување на ограничувањата е нагласено и во новата кампања преку тоа што сликите на танцувачите т.е. нивните екстремитети ги надминуваат границите на огласувачкиот простор каде што се поставени.