Успешните луѓе од бизнисот имаат една заедничка карактеристика: Ја разбираат потребата и важноста на персоналниот пи-ар, и колку тој придонел да напредуваат во кариерата, да имаат подобар имиџ меѓу стручната јавност и да се перцепирани како експерти во нивната област.
Еве и еден пример од нашата пракса: Директор на наша компанија се решава дека сака да ја зголеми својата вредноста или колку и тоа да звучи грубо,, сака подобро да се продаде,,! Ангажира ПР консултант со конкретна задача во следните 6-10 месеци да работи на подобрување на неговиот имиџ. Се договора основна минимална цена за услугата, со клаузула ако клиентот успее да постигне нов подобар договор да се добие и мал процент од разликата. Договор крајно стимулативен за еден ПР професионалец, но во пракса многу ретко практикуван во нашата земја. Ова е и ситуација во која ПР професионалецот треба да процени дали личноста за која ќе треба да работи има капацитет да се носи со ситуацијата. Клиентот треба да има доволно стручност и знаење во својата област, а задача на ПР консултантот е правилно да го насочува, како би го зголемил неговиот кредибилитет и репутација, прво во рамките на неговата компанија, меѓу стручната јавност и на крај во пошироката јавност.
Се подготвува план на активности, се развиваат неколку ПР техники, се дозира оптимално присуство во медиумите, се дефинираат клучни теми кои треба да се комуницираат, се дефинира целната група, се воспоставуваат односи со стручната фела, се имплементираат различни ПР активности (колумни, изјави за медиуми, говори на различни семинари, активности во здруженија, интервјуа и друго).Традиционалните и дигиталните медиуми се гладни за содржини кои имаат експертиза, и кои ќе понудат дополнителен и подлабок увид во нештата. По извесно време ќе дојдат резултатите, ќе се подобрат перфомансите во постоечката компанија, можеби и понуда за нова работа под многу подобри финансиски услови, се очекувањата. Исходот на крај беше позитивен! Можеби клиентот имал и среќа да се “наредат коцките“ но некогаш среќата и самите ја предизвикуваме, и секогаш е подобро нешто да се прави, отколку ништо.
Односите со јавноста веќе не се опција! Тие се потреба, особено ако сакаме да одиме напред, независно дали како поединци или како дел од некоја компанија или институција. Тоа е и причината зошто персоналните Односи со јавноста (ако веќе се прави поделба на ПР сегментот: кадеразликуваме корпоративен, бренд, кризен ПР, персонален ПР, ПР специјализиран по области) се во пораст, и покрај тоа што провизиите за ПР услугите во светски рамки последниве 5 години се намалуваат, а клиентите се со поголеми очекувања (ова е резултат на светската рецесија која трае веќе подолго време, како и на фактот дека се намножија голем број на ПР агенции (дури и поединци кои работат од дома), кои со цел да добијат работа ги намалуваат цените. …а клиентите неретко се решаваат да одберат ПР индивидуалци или агенција за помала цена, жртвувајќи го квалитетот на добиената услуга.
Правите бизнис лидери долго време знаат дека присуството на нивното име во медиумите и во стручната јавност не е прашање на его, туку валидна ПР техника. Односите со јавноста се борат за добивање кредибилитет, а најдобар начин тоа да се постигне е кога се добива поддршка од трети страна, од други лица или институции кои ќе ги поддржат вашите пораки, кога некој друг ќе го пофали она што го работите. Создавањето или зајакнувањето на угледот е процес кој трае долго време, а некогаш се потребни минимум две до три години. Мора се да биде подготвено по план, тој да се ажурира, надградува и постојано да се следи ефектот. Според една статија објавена во Forbes секој трет извршен директор на 500-те најголеми компании во САД користи ПР консултант за персонална промоција и притоа како канал најчесто се користат социјалните медиуми. Организирано комуницираат со засегнатите страни преку блогови и твитови, споделувајќи видеа, слики и хаштаг.
Сите на некој начин сме во релација со јавноста, потесна или поширока, и колку на тие релации обрнеме внимание и тие се испланирани има поголеми шанси за успех. Довербата е една од најважните работи кога станува збор за градење и одржување на репутација. А нејзиното одржување е невозможно без компатибилни, кохерентни и континуирани односи со јавност.
Автор:Сашо Дуљанов
Колумната првично е објавена на Фактор.мк