Британскиот бренд за чоколади Cadbury веќе подолго време за своите чоколадни крем-јајца го користи слоганот “How do you eat yours?” („Како го јадете вашето?“), укажувајќи на тоа дека секој фан си има свој ритуал на консумирање на вкусниот производ.
Но, за својата најнова кампања која е замислена како предвесник за Велигден (уште од сега), брендот го промени слоганот во “How do you NOT eat yours?” („Како да НЕ го јадете вашето?“).
Штосот е во тоа што Cadbury лансира специјална лимитирана серија на ретки крем-јајца чија една половина е направена од кафеаво млечно чоколадо, а другата од бело чоколадо. За секој кој ќе пронајде вакво јајце, компанијата ветува награда од 10.000 фунти – само доколку одолее на поривот да го изеде!
Со специјалната серија на крем-јајца е лансирана и рекламна кампања која вклучува два хумористично спотови од по 30 секунди во кои сопругата го убедува својот сопруг да одолее на вкусното крем-јајце. Покрај спотовите кои ќе се емитуваат на телевизија, кампањата ќе вклучува и активности на интернет, радио и out-of-home реклами.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција VCCP London и продукциската куќа Biscuit Filmworks.