Оваа година, времето поминато на сурфање на мобилните телефони го достигна времето кое е поминато на компјутер
Податоците на истражувачката куќа GlobalWebIndex покажуваат дека оваа година, интернет корисниците ширум светот, половина од времето онлајн го поминуваат на компјутер, а половина на мобилен телефон. Оваа слика значително се промени во последните шест години, колку што се спроведува ова истражување. Во 2013 година, истите податоци покажаа дека просечниот интернет корисник во светот поминува онлајн околу шест часа на ден – меѓутоа, само една четвртина од тоа време (27%) поминува на сурфање преку мобилен телефон.
Развојот на мобилните телефони со се` поголеми екрани, побрзи прелистувачи и воопшто, прилагодувањето на интернетот за сурфање преку мобилните уреди се трендови кои одат рака под рака со времето поминато со мобилен телефон. Така, од 2013 година до денес, просечното дневно време на сурфање на мобилен телефон е повеќе од двојно.
Во 2019 година просечниот корисник поминува 3 часа и 23 минути на мобилен телефон, додека на компјутер, поминува 3 часа и 27 минути на ден. Заклучокот што може да се извлече од овие податоци е дека употребата на мобилен телефон за сурфање по многу години раст, го достигна сурфањето на десктоп, а изгледа и ќе продолжи да расте.
Во истиот период, времето на компјутер се намали за околу еден час на ден, но вкупното време поминато онлајн се зголеми од шест на речиси седум часа.