Новата изложба на Smithsonian го носи музејот во Вашиот дом. Насловена “Your Future Guide” („Вашиот водич за иднината“), изложбата претставува интерактивно искуство кое ја предвидува година 2050, и тоа врз основа на Вашите лични очекувања за иднината.
На почетокот, изложбата Ви поставува серија прашања за да се процени личноста на посетителот и Вашите животни навики. Потоа, користејќи машинско учење и раскажување приказни, Ви доделува водич од иднината кој ќе ви направи персонализирана обиколка за тоа каков може да биде животот за неколку децении, доколку се направат позитивни промени во светот.
Виртуелното искуство претставува продолжение на тековната изложба “FUTURES” на Музејот Smithsonian во неговата Зграда за уметности и индустрии.
Организаторите на изложбата признаваат дека иако јавноста може да биде многу свесна дека тие имаат удел во тоа како ќе се развива светот, тешко е да се поттикнат промени кога луѓето не можат да ја визуелизираат иднината. Изложбата им дава на луѓето можност да патуваат низ времето и да се уверат дека животот навистина може да се подобри.
Според организаторите, некои пронајдоци може да имаат значителен ефект за позитивниот развој на иднината, вклучувајќи одржлива храна, нови транспортни системи, криопрезервација и извлекување чиста вода за пиење од самиот воздух.
„Многу е поверојатно да се грижиме за иднината во која можеме да се видиме себеси. Преку магијата на овие најсовремени технологии, ние сме во состојба на корисниците да им го овозможиме надреалното искуство на патување низ времето до потенцијалната иднина. Тоа искуство може да нé поттикне сите нас да бидеме поангажирани граѓани и подобри креативни решавачи на проблеми“ – вели Рејчел Гослинс, директорка на Зградата за уметности и индустрии при Музејот Smithsonian.
Изложбата ќе трае до крајот на септември, а дигиталното искуство можете да го истражите на следниот линк.
Дигиталната изложба е создадена со помош на креативната агенција Goodby Silverstein and Partners и продукциското студио Unicorns and Unicorns.