Неодамна го погледнавме видеото за лансирањето на Стоби Флипс во вселената, чие што лансирање на околу 36 000 метри и целиот пат до орбитата на Земјината топка, предизвика огромен интерес во јавноста и побуди многу прашања за неговата реализација.
Како изгледаше лансирањето на Стоби Флипс дознаваме од разговорот со креативнот директор на маркетинг агенцијата Division, Марко Стојановиќ.
М365: Кој стои позади и како дојдовте до идејата за лансирањето на првиот македонски бренд во вселената?
Марко: Уште минатата година знаевме дека 2018 е годината кога Стоби Флипс бележи 40 години од своето постоење. Идејата беше да го одбележиме тоа со нешто што досега не е направено на овие простори и ќе остане запаметено. Лансирањето на првиот македонски бренд во вселената е дел од целата комуникациска платформа за СТОБИ ФЛИПС, насловена НАСЕКАДЕ, која ќе продолжи и наредниот период со дополнителни комуникациски елементи.
М365: Кога и на која локација се случуваше целиот настан на лансирање ?
Марко: Лансирањето се случи во февруари, во Лухте, едно преубаво мало германско гратче.
М365: Зошто “лансирањето“ не се случи во Македонија?
Марко: Одлуката да го лансираме Стоби Флипс во вселената од Германија беше донесена единствено поради неможноста да се изведе во Македонија. Првичните подготовки се случуваа во Македонија, се набавија потребните метео балони, GPS локатори и останата опрема, но на крајот поради ризикот почнавме да размислуваме за други локации. Главниот проблем е што површината на Македонија е релативно мала, а нашата земја е полна со планини. Чисто како пример, при слободниот пад на Стоби Флипс, само еден степен застранување од таа височина значи пад на оддалеченост од најмалку стотина километри од точката на лансирање. Во зависност од временските околности, постоеше опасност нашиот Стоби Флипс да заврши на врв на некоја планина, во река, на сред автопат или дури и на плажа во Грција:)
Локацијата од која што го лансиравме во Германија е претежно опкружена со низини, што ни го олесни процесот на лоцирање и пронаоѓање на кесичката Стоби Флипс.
М365: Како изгледаше планирањето и реализацијата на целиот проект?
Марко: Стапивме во контакт со екипа од Германија која има искуство со вакви проекти. Заедно со нив ги утврдивме сите детали и потоа дел од тимот од Скопје отпатува во Лухте каде се финализираше и реализираше целата акција.
М365: Што беше користено за да се достигне висината од над 36,000 метри?
Марко: Во принцип таа височина е максималната која може да биде достигната. Моментот кога се достигна, балонот со хелиум кој ја носеше кесичката пукна и Стоби Флипс го започна падот назад кон Земјата. Од опрема за ваков тип на потфат се користат метео балони и хелиум, а соодносот и точната формула се прави во зависност од тежината на тоа што сакате да го испратите горе.
Меѓутоа, самото лансирање е половина од целиот зафат. За проектот да биде целосно успешен, потребно е со посебен калкулатор кој во предвид зема движење на воздухот и слични околности да се искалкулира и веројатната траекторија за надоле, по што преку GPS локатори се бара точното место на паѓање, што во нашиот случај беше во снежна нива речиси 70 километри оддалечена од точката на лансирање.
Генерално гледано, како потфат не беше воопшто едноставно но целта која си ја поставивме, а тоа беше да го одбележиме овој јубилеј на Стоби Флипс на уникатен и досега ненаправен начин на овие простори, се надевам дека успешно ја остваривме:)
Во продолжение, ексклузивно, погледнете го making of видеото од проектот со кој Македонија стигна до вселената :)