Љубопитноста можеби е универзална, но начинот на кој ги истражуваме информациите е различен за секого. Една неодамнешна студија од Универзитетот во Пенсилванија нуди нови сознанија за тоа како луѓе од различни култури и образовни средини ја прелистуваат Википедија.
Истражувањето, објавено во списанието Science Advances, го анализирало однесувањето на 482.760 корисници на Википедија низ 50 земји, идентификувајќи три различни типови на љубопитност: „ловец“, „собирач“ и „танцувач“. Овие типови укажуваат на тоа како поединците се движат низ најголемата онлајн енциклопедија во светот, истовремено одразувајќи пошироки културни разлики во начинот на кој луѓето бараат информации.
Коавторката Дани Басет објасни дека тимот сакал да тестира дали наодите од едно претходно истражување, засновано на само 149 учесници во контролирани услови, се совпаѓаат со навиките на поголема и поразновидна публика. За да го направат ова, истражувачите оствариле соработка со Фондацијата Викимедија и анализирале два месеци анонимини податоци за прелистувањето на речиси половина милион корисници на Википедија, преку мобилната апликација, на најмалку 14 јазици.
Студијата ги потврдила двата основни типа љубопитност од претходното истражување, но идентификувала и трет тип.
Таканаречените „ловци“, како што сугерира името, се ориентирани кон целта – бараат конкретни одговори и следат линеарен пат од една статија до друга.
Спротивно на тоа, „собирачите“ се однесуваат како „социјални пеперутки“, скокајќи помеѓу неповрзани теми и водени од апетитот за нови сознанија.
Потоа, тука се „танцувачите“ – оние кои создаваат креативни, нелинеарни врски помеѓу идеите, навидум случајно, но честопати доаѓаат до изненадувачки сознанија.
Разбирањето на овие различни стилови на љубопитност има повеќе од просто научно значење. Однесувањето во пребарувањето варира во зависност од културниот контекст, при што корисниците во земјите со повисоко ниво на образование и родова еднаквост имаат тенденција да истражуваат поширок опсег на теми.
Во меѓувреме, луѓето во нациите со поголема нееднаквост покажале повеќе фокусирани и насочени пребарувања. Оваа опсервација сугерира дека факторите како образованието и пристапот до информации го обликуваат не само она што го учиме, туку и начинот на кој учиме.
Овие стилови на љубопитност можат да понудат вредни насоки во дизајнирањето онлајн платформи кои подобро ги ангажираат корисниците од различно потекло. Без разлика дали барате конкретни факти, сте зафатени со собирање случајни прачиња знаење или само танцувате низ идеи, вашиот стил одразува повеќе од само лични преференци, туку го одразува и светот во кој живеете.