Подкастот е претходно снимена аудио програма која корисниците можат да ја преземат од интернет на нивниот компјутер или телефон и да ја слушаат кога им одговара по нивна желба.
Доколку корисниците се “претплатат“ на поткастите, што е бесплатно, ќе бидат известени секогаш кога поткастот што го следат, ќе објави нова епизода.
Според извештајот на „Гугл“, во 2019 година на светско ниво, зборот „подкаст“ се пребарувал над 10 милиони пати месечно, а се предвидува дека популарноста на овој вид медиум ќе се зголеми во наредните години.
Според истражувањето спроведено од Бирото за интерактивно огласување (IAB), приходите остварени од подкасти во 2017 година изнесувале 314 милиони долари, што е за 86% повеќе од претходната година, а се очекува оваа бројка да достигне 659 милиони долари во 2020 година.
Ако вашата целна публика е меѓу оние што слушаат подкасти, тогаш дефинитивно треба да размислите да ги вклучите во вашата стратегија, бидејќи тие можат значително да го подобрат вашиот бизнис.
Алтернатива на видео и текстуална содржина
Иако бара аудио опрема и продукција, снимањето на подкаст е многу поефтино од видеото. За разлика од другите типови медиуми и канали на информирање, подкастите го привлекуваат вниманието на нивните слушатели, оставајќи им можност да се занимаваат со нешто друго во исто време. Денес, кога луѓето се чувствуваат како да немаат доволно време, ова е голема предност!
Ширење на вашата публика и градење подобар однос со нив
Иако подкастите се форма на еднонасочна комуникација, нивните „водители“ играат слична улога како и водителите на радио емисии. Со самото слушање се гради поблиска врска со публиката, за разлика од, да речеме, пишан текст кој ја носи истата порака. Луѓето слушаат затоа што имаат нешто заедничко со лицето што ја води емисијата или со брендот кој го претставува.
Публиката има можност да ја почувствува емоцијата на целата приказна во гласот на водителот, па со самото тоа има поголема доверба во она што тој го кажува и во самиот бренд што се рекламира. Според истражувањето спроведено на 300.000 луѓе кои слушаат поткасти, 63% од нив купиле производ по препорака од водителот.
Маркетинг
Освен што можете да започнете подкаст за својот бренд и со тоа да се рекламирате, можете да користите подкасти и на другите, со цел пласирање на своите реклами. Ова има една голема предност, односно публиката која го слуша е „принудена“ да ја слушне вашата реклама. Зошто?
Бидејќи им е полесно да ја слушнат и да почекаат програмата да продолжи, отколку да премотаат и со тоа да ризикуваат да испуштат нешто од програмата. Исто така, како што споменавме погоре, публиката веќе има доверба во водителот и склона е да ја прифати неговата препорака. Само е важно да изберете подкасти или брендови што се релевантни за вашата публика.
Трендот на подкасти во Америка е веќе добро развиен и континуирано расте, додека тој сè уште е во зачеток во Македонија, што ви дава можност да бидете меѓу првите на нашиот пазар и да ги искористите сите негови предности.