Кампањата ја истакнува медицинската работа што се одвива во време на војна и конфликти
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека помеѓу 2016 и 2020 година биле извршени најмалку 3.780 напади врз здравствениот персонал и инфраструктурата.
За да се подигне свеста за тешките услови под кои работат здравствените работници во некои земји, соочувајќи се со конфликти и насилство, кампањата беше развиена и насочена кон младите луѓе.
Во кампањата „Непознати херои“ креирана од страна на агенцијата Saatchi & Saatchi Франција, се појавува Блез Матуиди, француски репрезентативец и покажува свет во кој здравствените работници кои работат во воени услови се третираат како херои, со сликички, свечени церемонии и прослави организирани од нивните поддржувачи.
Видеото, кое е во режија на Стефан Барбато, има цел да ги реафирмира принципите на неутралност и независност на оние кои се грижат за болните и ранетите.
„Нападите врз лекарите, медицинските сестри и останатите здравствени работници не добиваат ниту приближно толку внимание колку што би требало“, рече Џенифер Хаусман, директор за комуникации и информациски менаџмент во Меѓународниот комитет на Црвениот крст. „Се надеваме дека оваа кампања ќе помогне да се обезбеди поголема поддршка во заштитата на здравствените работници, таква каква што имаат фудбалерите од своите фанови“.