Филип Морис објави рекламен оглас во кој тврди дека нивната новогодишна одлука е да им помогнат на луѓето да престанат да пушат цигари
Најголемата светска тутунска компанија Филип Морис, започна кампања во Велика Британија, во која тврдат дека нивна новгодишна одлука е да им помогнат на луѓето да се откажат од пушење цигари. Компанијата во огласот објаснува дека планира целосно да престане да продава цигари во Велика Британија и сега ги поттикнува корисниците да преминат на производите со загреан тутун или електронските цигари.
Сепак, научниот советодавен комитет на Агенцијата за храна и лекови на САД (FDA), деновиве со 8:0 и еден воздржан ѝ препорача на агенцијата да не му дозволи на „Филип Морис“ да тврди дека неговиот уред кој го загрева тутунот е помалку штетен од традиционалните цигари. Во поширок текст, Ројтерс известува дека компанијата не успеала да им покаже на научниците од комитетот дека користењето на овој производ го намалува ризикот од заболувања поврзани со тутунот. Сепак, препораката не е обврзувачка и Агенцијата сѐ уште може да дозволи користење на овие тврдења во маркетиншки цели. Овој производ засега чека и одлука за дозвола да се продава во САД.