На 18 октомври (петок), во 10:00 часот, во Порта Македонија, се одржа официјално обраќање со цел одбележување на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе и претставување на почетокот на веб Кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, со посебен фокус на трговијата со луѓе за сексуална и трудова експлоатација и за детски бракови како ризик за појава на трговија со деца.
Нашата земја се смета за земја на потекло, транзит и крајна дестинација за жртви на трговија со луѓе, а недостигот на свест и информираност во однос на ризиците поврзани со миграција и достапните заштитни мерки помеѓу ранливите категории е сеприсутен.
Кампањата се спроведува во рамките на проектот “Зајакнување на националните капацитети во областа на азилот, миграциите и трговијата со луѓе ” кој е финансиран од Европска Унија и кофинансиран од Фондот за развој на ИОМ, а е имплементиран од страна на Меѓународната Организација за Миграции – ИОМ во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.
Целта на оваа кампања е сензибилизирање на широката јавност и медиумите, како и високо-ризичните категории, за ризиците поврзани со миграција, со фокус на трговијата со луѓе, и подобрување на свеста за опасностите кои произлегуваат од истите, како и информирање за начини на кој може да се пријави експлоатација и да се побара помош.
Официјалното обраќање го имаа:
- Г-ѓа Магдалена Несторовска – Државен секретар при Министерството за внатрешни работи и Национален Координатор на Националната Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција,
- Г-ѓа Јована Тренчевска – Државен секретар при Министерството за труд и социјална политика,
- Г-ѓа Соња Божиновска Петрушевска – Раководител на канцеларијата на Меѓународната организација за миграции – ИОМ Скопје.
По официјалното обраќање следеше презентација на информативното видео кое е дел на кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе.