Кога имаме успешни кампањи креирани и спроведени од македонски агенции секогаш сме горди и вреди да се навратиме за да направиме една анализа.
Кампањата за MG Motor чиј главен слоган беше „Излези од рамките“ или „Izadji iz okvira“, a се реализираше во Македонија и Србија, имаше цел да ги сруши предрасудите кои луѓето ги имаат кон кинеските автомобилски брендови. Имено брендот MG Motor кој е основан во В. Британија во 2007 беше купен од еден од најголемите производители на возила во Кина, SAIC. Со тоа брендот доживеа второ раѓање и донесе врвни технолошко напредни автомобили по атрактивни цени. Агенцијата AdValue креираше несекојдневна кампања во чиј главен фокус беше моделот MG HS кој буквално ги кршеше рамките, што симболизираше едно кршење на стереотипите кај луѓето во регионот.
Оваа кампања е пример како максимално да се искористат можностите кои ги нудат дигиталните канали во насока на креативно отскокнување и истите да се адаптираат и на традиционалните канали. Главното визуелно решение го имаше автомобилот во преден план, проследен со слоганот и понудата. Па така, со 3D ефект, автомобилот излегуваше од објавите на социјалните мрежи, излегуваше од банерите на веб страните, ПР текстовите итн. Покрај дигиталните канали, кампањата беше адаптирана и на дел од традиционалните канали задржувајќи го истиот мотив. Имено, радио терминот завршуваше, но рекламата продолжуваше, додека стандардните димензии на билбордот беа „скршени“ за автомобилот да излезе од рамките.
Свесноста за брендот беше видно зголемена, а за успехот на кампањата сведочеа бројките продадени автомобили од брендот на пазарите во Македонија и Србија.
Оваа кампања на агенцијата AdValue им го донесе третото место на листата креативни агенции во Македонија на минатогодишниот фестивал BalCannes.