Европската комисија предлага поголемо проверување на фактите и промена на алгоритмите во борбата против ширењето дезинформации.
Европската комисија наведе дека „масовната кампања против вакцинацијата“ треба да биде причина за платформите на социјалните мрежи да го интензивираат проверувањето на фактите и да ги ревидираат внатрешните алгоритми што можат да влијаат на ширењето на дезинформации, пишува Гардијан.
Според ревидираниот кодекс предложен од Брисел, компаниите како што се Фејсбук, Гугл и Твитер треба да покажат зошто се шири одредена содржина на овие платформи и да докажат дека неточните информации се блокирани.
„Гардијан“ пишува дека иако кодексот би бил доброволен, тој би важел според Законот за дигитални услуги според кој овие компании би можеле да бидат казнети до шест проценти од нивниот годишен приход поради тоа што не ја отстраниле незаконската содржина со која може да се докаже штета.
Покрај тоа, кодексот може да опфаќа и услуги за размена на пораки како WhatsApp, а се наведува дека со пристапување кон кодексот, овие технолошки компании би можеле на подобар начин да покажат дека имаат работа со невистини во онлајн просторот и да избегнат парични казни.
Според „Гардијан“, потпретседателката на Европската комисија, Вера Журова, изјави дека за деталите за функционирањето на кодексот ќе разговара со неговите потписници и дека неговото влегување во сила е планирано за 2022 година.
Како што е наведено, Журова додаде дека масовната кампања против вакцинацијата може да ги спречи во напорите за вакцинирање на населението и искоренување на коронавирусот.
Журнова посочи дека Европската комисија не сака да се меша во слободата на говорот, а компаниите за социјални мрежи требаше да бидат поефикасни во проверката на фактите преку независни оператори, пишува Гардијан.
Наведувајќи ја одлуката на Твитер за забрана за користење на социјалната мрежа на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, според Гардијан, Журова посеочи дека Европската комисија се обидува да направи разлика меѓу фактите и мислењата.
Журова додаде дека проверката на фактите треба да биде поинтензивна во склоп на системското дејствување и компаниите за социјални мрежи не би требало да одлучуваат сами.
Гугл, Фејсбук, Твитер, Мајкрософт и ТикТок се пријавиле за претходниот кодекс на однесување, кој беше воспоставен во 2018 година, а според „Гардијан“, тој кодекс не бил успешен во остварувањето на целта за спречување на ширењето на дезинформациите.
„Гардијан“ пишува дека Журова изјави дека е потребен нов и посилен кодекс кој ќе ги вклучува социјалните мрежи за решавање на ризиците од услугите што ги нудат, зајакнување на нивните алгоритм и да престанат да заработуваат од ширење на дезинформации, а истовремено целосно да ја зачуваат слободата на говорот.
Извор: The Guardian