Советот за етика на медиумите на Македонија (СЕММ) – првото тело за медиумска саморегулација, на состанокот одржан во четврток за свој претседател ја избра Катарина Синадиновска од магазинот Капитал, а за заменик-претседател Ивана Костова од порталот Телеграф.
Наредната недела ќе биде објавен оглас во согласност со статутот на СЕММ за формирање на Комисија за жалби, која ќе има обврска редовно да се состанува и да решава по однос на примените поплаки од граѓаните за известувањето на медиумите. Комисијата ќе има седум члена од кои двајца ќе ги претставуваат сопствениците на медиумите, двајца новинарите по предлог на ЗНМ и тројца претставници ќе ја претставуваат јавноста. Во наредниот период СЕММ ќе работи на градење на капацитетите со цел телото да стане целосно оперативно и препознаено во јавноста.
Советот за етика на медиумите е формиран на 19 декември 2013 година, од претставници на електронските, печатените, интернет и регионалните медиуми, и од претставници на Здружението на новинарите на Македонија, на Македонскиот институт на медиуми, на Новинарскиот синдикат и на Здружението на приватни електронски медиуми на Македонија во кое членуваат над 60-тина регионални и локални медиуми.
Управниот одбор кој брои 7 члена го сочинуваат Марина Домазетовска од МПМ, како претставник на печатените медиуми, Билјана Трендафилова од МТВ, Ивана Костовска од Телеграф, како претставник на интернет медиумите, и Сашо Митановски од ЗПММ, како претставник на регионални медиуми. По предлог на ЗНМ, Собранието за членови на Управниот одбор ги изгласа Исуф Кадриу од Алсат-М, Катерина Синадиновска од Капитал и Драган Антоновски од интернет порталот Локално.мк.
Информацијата е преземена од Капитал.