Јапонскиот производител на алкохолни пијалаци The House of Suntory слави 100 години од влегувањето на светскиот пазар на вискија, враќајќи го холивудскиот актер Кијану Ривс во улогата на амбасадор на брендот.
Велиме „враќајќи го“, бидејќи Кијану за прв пат се појавил во кампања на брендот пред 30 години, поточно во 1992 година, со цел промоција на вискито Suntory Reserve.
Централниот спот на новата кампања е режиран од Софија Копола и претставува колаж од снимки во кои Кијану Ривс со чашка Suntory виски ужива во добро друштво, комбинирани заедно со снимки од историјата на брендот (стари реклами, снимки од производсвениот процес и природниот амбиент на фабриката во Јапонија).
Подоцна годинава, познатиот актер ќе се појави и како водител на серија кратки документарни филмови кои ќе ги истражуваат „Природата и духот на Јапонија“. Со цел одбележување на вековниот јубилеј, брендот исто така ќе лансира неколку лимитирани серии на специјални виски изданија.