(27.08.2020) – Генералниот извршен директор на кинеската социјална платформа ТикТок, Кевин Мејер, соопшти дека ја напушта компанијата по само неколку месеци на функцијата, а како причина се наведува сé поизвесното губење на американскиот пазар.
Мејер беше назначен за генерален извршен директор на ТикТок во месец мај, трансферирајќи од Disney, каде беше претседател на отсекот за Direct-to-Consumer & International.
Во следниот период, ТикТок ќе биде предводен од Венеса Папас, досегашен генерален управител на ТикТок, која ќе биде назначена за вршител на должноста на генерален извршен директор.
„Во последните неколку недели, со драстичните промени во политичките околности, јас направив значајна рефлексија за тоа кои се потребните структурни корпоративни промени и што тоа ќе начи за глобалната позиција н која се согласив. Во овој контекст, како што очекуваме решение многу наскоро, со тешко срце ве известувам дека одлучив да ја напуштам компанијата,“ соопшти Мејер, додавајќи: „Јас разбирам дека позицијата на која се согласив, вклучувајќи го водењето на ТикТок на глобално ниво, ќе изгледа многу поразлично како резултат на притисокот на американскит власти за продажба на американскиот бизнис.“
Врз основа на важечката извршна наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, кинеската матична компанија БајтДенс има рок до 12 ноември да го продаде ТикТок на американска компанија. Во спротивно, платформата ќе биде забранета на американска територија поради обвиненијата за наводно неовластено собирање на податоци и шпионажа врз американските граѓани.