Брендот за брза храна KFC веќе 60 години е познат по својот популарен слоган „It’s Finger Lickin’ Good!“ („Добро е, прсти да си излижеш!“). Меѓутоа, таквиот слоган и не е баш најсоодветен во услови на глобална пандемија кога таквата активност е скроз непрепорачлива, па компанијата уште минатата година одлучи малку да го паузира.
Оттогаш, брендот се впушти во потрага по соодветна привремена замена, но препорачаните нови слогани и не се покажале баш како најдобри, па KFC сега реши да се сврти кон веќе етаблираните слогани на други брендови, сé додека не стане повторно безбедно да се лижат прсти.
Во својата најнова кампања, пред сé насочена кон британскиот пазар, KFC со помош на агенцијата Mother London одлучи да „позајми“ некои од препознатливите слогани на други брендови и да ги комбинира во креативни решенија со нивниот главен производ – похованото пилешко. Во некои случаи, KFC дури паркираа и возила со некои од „новите“ слогани пред локали на нивните вистински сопственици.
Сé започна со пост на Твитер во кој KFC ја објасни својата намера. Корисниците на социјалната мрежа веднаш почнаа со предлози, посочувајќи ги слоганите на Nike, Disney, Durex, Red Bull па дури и оној на директниот конкурент McDonald’s, што KFC секако дека го прифати како предизвик.
Од друга страна, голем број на брендови, вклучувајќи ги Pringles, Marmite и Aldi, доброволно се решија привремено да им ги позајмат своите слогани на KFC.
Сепак, се чини дека KFC сé уште не се одлучиле за некое конкретно решение и дека потрагата ќе продолжи, најверојатно до повторното создавање на услови за да се врати „It’s Finger Lickin’ Good!“.