Француската франшиза на брендот за брза храна KFC се реши да му даде нов изглед на заштитното лице на брендот, полковникот Сандерс. Препознатлив по својата остра бела брада и мустаќи, полковникот сега доби избричано лице по повод Movember.
За оние кои не знаат, Movember е светско движење кое секоја година се одржува во текот на месецот ноември и има за цел подигнување на јавната свест за машкото здравје. Главен белег на движењето се мустаќите. Приврзаниците на движењето кои имат брада и мустаќи нив ги бричат на 1 ноември и потоа ги растат само мустаќите, додека пак оние мажи кои редовно се бричат – овој месец не ги чепкаат мустаќите.
Полковникот Сандерс, во духот на Movember, доби целосно избричано лице на 1 ноември, а во текот на преостанатите денови од месецот неговиот изглед редовно ќе се ажурира со цел да се добие привид на растење мустаќи.
Кампањата е создадена во партнерство со креативната агенција Sid Lee од Париз, а новиот Сандерс ќе се најде на сите пакувања и комуникациски содржини на брендот во текот на целиот месец ноември.