Брендот за брза храна KFC лансираше нова кампања за пазарот на Велика Британија и Ирска во која, наместо јадењето на вкусното поховано пилешко во самите ресторани на брендот, ги истакнува придобивките од доставата до дома.
Кампањата се состои од неколку кратки спотови во кои различни луѓе, прикажани во „споро движење“ (slow motion), јадат KFC во удобни домашни услови и на начин на кој тоа не би било возможно во самите ресторани. Спотовите вклучуваат ставање нозе на маса, јадење во долна облека, лежејќи во кревет или уживајќи во џакузи.
Според брендот, некои од овие активности се социјално неприфатливи за изведување во јавни ресторани, па за нив дури би можеле „да повикаат полиција“, бидејќи „никој не сака да ве гледа да јадете поховано пилешко во долна облека“. Меѓутоа, затоа постои доставата до дома, каде можете да уживате во целосниот комфорт на вашата приватност.
Спотовите се проследени со хеви метал химната “Breaking the Law” („Кршејќи го законот“) од британскиот бенд Judas Priest.
Рекламите ќе се емитуваат во пресрет на Светското првенство во фудбал, чиј пренос на британската ITV е спонзориран токму од KFC. Брендовите за брза храна очекуваат раст во бројот на нарачки и достава до дома за времетрањето на Мундијалот.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција Mother London.