Една од главните причини зошто претплатниците ја користат Premium верзијата на Spotify е ветувањето дека таа засекогаш ќе биде без реклами. Но, KFC на итар начин успеа да протне реклама онаму каде што „никој претходно се нема рекламирано.“
Во партнерство со агенцијата Memac Ogilvy од Дубаи, брендот за брза храна KFC се здружи со три познати артисти од блискоисточниот регион, Flipperachi, Moh Flow и Shébani, со цел тие да ги изменат своите профили на музичката платформа и да ги брендираат во знак на новиот сендвич Kentucky Burger.
Наместо реклами кои ги прекинуваат песните како што е слуучајот со основната верзија на Spotify, кампањата на KFC ги „нападна“ насловните и профилни фотографии на артистите, просторот за биографија, секцијата за настани која сега води до најблиските KFC ресторани, како и самите имиња на песните во музичката плејлиста. Имено, кога сите наслови на песните би се споиле во една реченица, се добива пораката: “Discover, New, Kentucky, Burger,Come & Visit, KFC. Get It, Before It’s Too Late.”
„Преку оваа кампања, KFC отвора нов пат до креативноста и уште еднаш демонстрира дека ништо нема да ги спречи во доставата на вкусно поховано пилешко до своите потрошувачи,“ истакнаа Николас Лопез и Фернандо Монтеро од агенцијата Memac Ogilvy во соопштение по повод лансирањето на кампањата.