Брендот за брза храна KFC сака да им „помогне“ на конкурентите кои се обидуваат да го повторат привлечниот изглед на нивните производи, така што отвори бесплатна галерија на слики од каде ќе можат слободно да ги „крадат“ во висока резолуција.
Насловена ChickenStock, галеријата го следи примерот на разни веб-сајтови кои нудат stock-слики за бесплатна употреба, со таа разлика што галеријата на KFC се состои само од слики од поховано пилешко.
„Сакате да ги крадете нашите слики? Добро, но барем направете го тоа како што треба, ве молиме“ – иронично коментираат од KFC во спотот за кампањата.
Но, кампањата има и друга страна. Напоредно со лансирањето на онлајн-галеријата, KFC откри неколку конкуренти кои украле нивни слики, па до нивните ресторани поставиле билборди во кои се споредуваат двете верзии, заедно со натписи како: „можете да ги крадите нашите слики, но никогаш нема да го украдете нашиот вкус“, „тоа не е начин како да се третира пилешко“, „таа сликата таму е од KFC, но пилешкото не е“ и слично.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција TBWA\RAAD од Дубаи.