Киа регистрираше ново лого во Корејската агенција за интелектуална сопственост.
Корејскиот производител на автомобили оствари голем напредок во областа на дизајнот во последните десетина години, но многу љубители на автомобили му замеруваат на неадекватното, стилски застарено лого. Ова најверојатно ќе се промени наскоро, бидејќи Киа заштити ново лого кон крајот на ноември во две варијанти – црвена и црна.
И додека Фолксваген, кој исто така неодамна го редизајнира своето лого, се одлучи за дискретна, речиси незабележителна промена, Киа сврте сосема нов лист. Новото лого е значително модернизирано и е многу различно од сегашното кое ги краси моделите на корејскиот производител.
Новото лого е изведено со минималистички дизајн, па дури и црвената елипса околу името повеќе не постои. Трите букви преоѓаат една во друга и во дел се изобличени заради симетрија, а логото не користи ниту сенки или други тридимензионални ефекти.
Киа покажа слична варијација на новото лого на футуристичкиот концепт Imagine на годинешниот женевски авто-салон, но буквите не беа толку блиску една до друга.
Останува, сепак, да се види дали новото лого ќе го биде поставено на сите идни модели на Киа или само на електо- автомобилите – со хибриден или чисто електричен погон.