Врз основа на сведоштвата на кинеските гејмери кои се појавија на интернет во изминатото деноноќие, Кина ненајавено ја блокираше една од најпопуларните платформи за видео-игри во светот – Steam.
Во моментот функционира само „кинеската“ верзија на Steam која беше лансирана во февруари и која нуди само 103 игри, што е далеку од над 110.000 игри кои се достапни на глобалната Steam платформа.
Ова е уште еден во низата чекори кои кинеските власти ги презедоа во изминатата година за дополнително регулирање на својот дигитален и интернет простор.
Минатото лето, Кина донесе правило со кое на малолетниците им се ограничува времето за играње видео-игри на само 3 часа неделно. Потоа беше донесено и ограничување за времето на користење на TikTok за корисниците под 14 години на само 40 минути дневно.
Во текот на есента, од Кина се повлекоа LinkedIn и Yahoo. На 15 ноември беше забранета популарната видео-игра Fortnite.
Кина исто така ги засили и своите активности против „копањето“ и тргувањето со криптовалути, пред сé Bitcoin.