Кинеската влада наводно ѝ наложила на корпорацијата Alibaba да се откаже од својата медиумска сопственост, поради загриженост дека таа станува премногу влијателна.
Листата на медиумски компании кои Alibaba ги поседува или во кои има сопственички удел ги вклучува весникот The South China Morning Post, социјалната платформа Weibo, видео-стриминг платформата Youku Tudou, филмската продукциска куќа Alibaba Pictures и најголемата кинеска офлајн огласувачка мрежа – Focus Media.
Моментално, Alibaba е исто така најголемиот продавач на дигитален огласувачки простор во Кина, со приходи еднакви на 32% од вкупниот дигитален пазар за огласување во државата (според податоци од 2019 година).
Според американскиот весник The Wall Street Journal, кинеската влада внимателно ја разгледала сопственичката состојба на Alibaba и била изненадена од тоа всушност колку голем досег до публиката има медиумскиот бизнис на корпорацијата. Следствено, ѝ наложила на Alibaba да ја намали големината на својот медиумски бизнис.
Кина сé посилно ја притиска Alibaba, откако основачот на компанијата Џек Ма упати критики кон кинескиот претседател Си Џинпинг, по обидите на властите да ја регулираат Ant Group – уште една компанија во сопственост на Alibaba, која овој пат нуди финансиски услуги.
Пред неколку денови, од кинеските онлајн продавници за мобилни апликации беше избришан и интернет пребарувачот на Alibaba, UC Browser.
Претседателот на Кина неодамна посочи (и предупреди) дека државната регулација на големите технолошки компании само што започнала.