Еден од најпрепознатливите интернет медиумски брендови во Македонија “Кирилица“ (www.kirilica.com.mk) од пред неколку недели доби нови сопственици и нов редакциски тим.
Нови “газди“ на брендот Кирилица се луѓето од “Медекс Груп“, преку која и започна да функционира и меѓународниот проект Хелтгрупер, посветен на сферата на здравството.
Медекс Груп е приватната консултантска компанија специјализирана во здравствен менаџмент , тренинг и истражувања а нејзин директор е Владимир Лазаревик.
За нов Главен уредник на “Кирилица“ е назначен Жарко Јорданоски а редакцискиот тим го соочинуваат уште и Стојанка Митреска (уредник), Стојанче Манев (деск), Виктор Перовски (социјални мрежи), Јана Мелоска (редактор, лектор ) и Васко Стојановски (фотографија).
Во својата колумна со која главниот уредник Жарко Јордановски го најавува “новиот почеток“ на Кирилица зборува и за дел од работите кои ќе се стремат да ги постигнат : “Ќе се обидеме Кирилица да биде максимално професионален медиум, во рамките на своите можности. Секогаш ќе се обидува да ги запази највисоките етички стандарди во новинарството, ќе се обидува да даде непристрасни, избалансирани информации и поглед на нештата во општеството. Нема да шири страсти, омраза, нема да поттикнува насилство по партсика, национална или било која основа. Отворено и слободно ќе ја критикува власта и сите центри на моќ. Ќе ги негува слободата на говорот и изразувањето, ќе го сузбива говорот на омразата, навредата и клеветата. Ќе отвора простор за спротиставени гледишта, алтернативни точки на гледање. Ќе се бори против дискриминација од секаков вид, ксенофобија, стереотипи, суеверија… Ќе ги застапува правата на маргинализираните, хендикепираните, непривилегираните групи, ќе го негува духот на солидарност, сочувството кон секое човечко суштество, како и кон животните, растенијата и мајката природа. “
Им посакуваме многу успех во нивната работа, многу квалитетна содржина, бројни читатели и секако…многу банери :)