Македонската фондација Импакт, по трет пат, организира најголемо собирање на фриленсери во Македонија на конференција насловена „Freelance is for Freedom”. Конференцијата ќе се одржи на 18 октомври 2025 (сабота), во CoWork 21, Скопје. На неа ќе настапат 8 странски експерти – говорници од најсилните европски фриленс сцени и ќе претстават нови перспективи за фриленсерството како модел на иднината – алтернативен начин на работа кој овозможува слобода, флексибилност и глобална поврзаност. Дополнително, ќе говорат македонски модератори и говорници од фелата кои сакаат да го приближат фриленсерството до новите почетници. Трендовите покажуваат дека фриленсерството станува избор на сѐ поголем број професионалци што ја вреднуваат автономијата и можноста сами да ја креираат својата кариера.
„Во Македонија, фриленсерството расте како динамичен и сеопфатен сектор, во кој се вклучуваат ИТ професионалци, новинари, консултанти, преведувачи, проектни менаџери, едукатори и други специјализирани кадри кои секојдневно ги придвижуваат иновациите во општеството. Овој модел на работа ја зајакнува конкурентноста и ја проширува видливоста на македонските таленти во глобалната работна мрежа“, објаснува Елена Ивановска, директорка на Фондацијата Импакт.
На оваа меѓународна конференција за фриленсерство ќе се дискутира и за законските можности и обврски на фриленсерите во Македонија, пробивање на виртуелните асистенти од Македонија и Хрватска на светскиот пазар, наоѓање клиенти онлајн и работа од дома во вонредни услови, фриленсерството и мајчинство – слобода или нов стил на живот, за патот од претприемништво кон фриленс и обратно и други инспиративни, актуелни теми кои ги засегаат фриленсерите, отворајќи простор за споделување на знаење, практични решенија и меѓународна соработка.
Настанот ја добива несебичната поддршка на Central European Initiative (CEI), Сава Пензиско , А1 Телеком Македонија , Дајнерс Македонија и тренинг центрите Semos Education, SMХ Academy, Neхt Gen Academy, Avenga Academy, М6 , коворк просториите на Startup Club Skopje, CoWork 21 и платформата SkillSpotterZ.
„Нашата мисија е да поттикнеме просперитетен екосистем кој овозможува раст на приватниот сектор, а воедно обезбедува развојот да остане инклузивен, правичен и општествено одговорен”, вели Иванова.