Во Грција постои уникатна новогодишна традиција која предвидува исклучување на електричната енергија во домот веднаш по одбројувањето на Новата година, симболизирајќи нов почеток и овозможувајќи момент на саморефлексија во темината пред враќањето на светлината.
Токму оваа традиција беше искористена од грчката енергетска компанија Protergia за нивната нова празнична кампања насловена „Ќе се сретнеме на полноќ“.
Во симпатичниот видеоспот се запознаваме со еден маж и една жена, кои меѓусебно не се познаваат, но брзаат да стигнат на иста новогодишна прослава. Сепак, по пат ги следат низа „малерозни“ ситуации и тие не успеваат да стигнат на време, туку се затекнуваат во лифт непосредно по одбројувањето на Новата година и традиционалното исклучување на струјата.
Во тој момент на осаменост и темнина, двајцата затекнати „несреќници“ си посакуваат Среќна Нова Година, но истовремено и разменуваат погледи на симпатија – потсетувајќи нè дека моментите на темнината може да нè доведат до најсветлите и најсреќните денови.
Видеоспотот е проследен со звуците на соодветниот ретро хит „I’ll Meet You at Midnight“ на англискиот поп-рок состав Smokie од 1976 година.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција The Newtons Laboratory и продукциската компанија Picky Productions.