Со цел промоција на италијанскиот хорор филм “Класична хорор приказна” (“A Classic Horror Story”) и воопшто на својата понуда на хорор филмови, стриминг-платформата Netflix постави интерактивен билборд кој ги плаши случајните минувачи по улиците на Милано.
Се работи за дигитален билборд поставен на ниво на човечка висина на кој се појавува демонска фигура во црвена наметка која го следи движењето на луѓето кои минуваат покрај билбордот.
Меѓутоа, штом некој од минувачите го достигне крајот на билбордот, од внатре се појавува вистински човек облечен во истата црвена наметка, резултирајќи со автентичен страв кај присутните.
„Добрата работа во гледањето на хорор филмовите е да знаете дека се работи само за филм, но што ќе се случи доколку стравот стане реалност?“ – стои во соопштението на Netflix по повод кампањата.
Промотивната активност била реализирана со помош на креативната агенција Publicis Italy.