Knorr, бренд стар 177 години кој е во сопственост на Unilever, за својата нова кампања поврза сингл непознаници на заедничка вечера при што тие треба да ги хранат своите потенцијални партнери – и се’ тоа ставено на филм. Идејата е дека ако се спојат луѓе кои ги сакаат истите јадења, меѓу нив може да се роди романтична искра.
Приодот има смисла; според истражувањето на брендот, поверојатно е луѓето меѓусебно да се привлекуваат ако имаат исти преференции за јадење. И се разбира, не изненадува тоа што оваа кампања, насловена како “#LoveAtFirstTaste”, доаѓа од режисерот на First Kiss Татија Пилиева, која се чини дека е одлична во тоа да направи непознаници да станат интимни.
“Поврзавме луѓе кои се сингл и никогаш претходно се немаат сретнато преку профили на вкус и набљудувавме што ќе се случи,” изјави Уконва Ојо, виш глобален директор во Knorr. “Мислиме дека е одлично да се истакне можноста вкусот да ви помогне подобро да се разберете себе и да ви помогне да се поврзите со други луѓе преку еден ваков социјален експеримент. Суштината на брендот е токму вкусот.”
Дигиталната кампања, која доаѓа од креативната агенција MullenLowe, користеше квиз од 12 прашања за да ги поврзе непознаниците според нивните профили на вкус. Секој профил има забавно име како Солен авантурист, Пржен романтичар, Грациозен пасач, Остар двигател, Месен воин, Зачинет бунтовник, Сладок сензуалист, Длабокоморски сонувач, Рустичен ренџер, Земјен идеалист, Потентен провокатор или Стопен занесеник.
Потрошувачите можат да го откријат својот сопствен профил на вкус на веб сајтот на Knorr (http://myflavor.knorr.com/en-US/profiler/#sgJM2Kqcu1ixy8wk.97). Тие профили потоа му помагаат на Knorr да ги поврзе своите потрошувачи со смислени рецепти и производи, за “да го подобрат нивното искуство со готвењето и со целосниот асортиман на производи на Knorr,” додаде Ојо.
“Се обидувавме да откриеме дали заедничкиот вкус може да предизвика некаква емоционална конекција помеѓу луѓето,” изјави Том Хадсон, глобален креативен директор на MullenLowe.
За некои парови, тоа всушност и се оствари.
“Беше одлично да се види како се разви ‘хемија’ помеѓу тие парови”, истакна Ојо. “Знаеме дека еден од тие парови (Антонио и Ирма од видеото), се’ уште се гледаат, еден месец после снимањето.”
“Паровите знаеја дека тие се поврзани според нивните профили на вкус, но не знаеја дека ќе треба меѓусебно да се хранат,” рече Пилиева, додавајќи: “Се’ се случуваше реално на сцената. Кога снимам, тоа го правам уште пред официјалниот почеток, така што тие не знаат дали снимаме или не. Во овој случај, снимавме со 6 камери, така што не постои ‘акција’ или ‘сечи’. Тоа е направено толку реално колку што е човечки возможно со сите тие камери, опрема и луѓе кои стојат наоколу.”