Британскиот бренд на чипси и други солени грицки, Walkers, лансираше нова кампања со која го воведува слоганот “When life gives you potatoes, make crisps” („Кога животот ти дава компири, направи чипс“).
Главна ѕвезда во централниот хумористичен спот од кампањата е комичарот Асим Чаудри, кој игра улога на техничар кој поправа телевизиски приемник, качен на покрив од една куќа. Мајсторот се лизнува и паѓа преку куполест светларник, спасен единствено од кабелот за кој е врзан. Меѓутоа, сега тој е заглавен и не може да се симне, ниту извлече.
Во ситуација во која луѓето обично би почнале да паничат, Чаудри се присетува дека во својата пазува има кеса чипс од Walkers. Па, така, неговото непријатно искуство се претвора во своевиден одмор, при што тој си „четува“ преку телефон со пријателите, прави селфиња, гледа телевизија и секако јаде чипси. Кога пристигнуваат пожарникарите, наместо да го спасат, тие му се приклучуваат.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција VCCP и продукциската куќа Outsider.