Во последната анализа на АААВМУ за пазарот на аудио и аудио-визуелни медиумски услуги во Република Македонија во 2014 година беше презентиран податокот дека македонските комерцијални радио-станици вкупно оствариле вкупни приходи во износ од 158.32 милиони денари.
Околу 45,86% од овој износ биле приходите на четирите радиостанци на државно ниво, 32,77% приходите на регионалните радиостаници и 21,37% приходите на локалните радиостаници. Во споредба со претходната година, вкупните приходи биле повисоки за 1,34%.
Приходите од продажба на времето за рекламирање преставувале 79,35% од вкупните приходи на комерцијалните радиостаници.
Само локалните радиостаници во целина оствариле позитивен резултат од работењето (добивка од 0,79 милиони денари). Резултатот од работењето на радиостаниците на државно ниво била загуба во износ од 5,64 милиони денари, а резултатот од работењето на радиостаниците на регионално ниво загуба во износ од 4,06 милиони денари.
Радиостаници на државно ниво
Вкупните приходи коишто во 2014 година заеднички ги оствариле четирите комерцијални радиостаници што емитуваа програма на државно ниво изнесувале 72,61 милион денари.
Највисоки вкупни приходи во износ од 26 милиони денари прикажала РА Антена 5, а најниски РА Метрополис – само 3,54 милиони денари.
РА Канал 77 остварила 20,32 милиони денари, додека пак РА Слободна Македонија 22,74 милиони денари.
Споредено со 2013 година, вкупните приходи на радиостаниците на државно ниво се зголемиле за 10,38%. Пониски приходи во однос на претходната година прикажала само РА Антена 5 (за 11,35%), а останатите три радиостаници ги зголемиле приходите (РА Канал 77 за 5,83%, РА Метрополис за 38,28% и РА Слободна Македонија за 54,8%).
Доминантно учество во структурата на приходите имале приходите од рекламирање и телешопинг (74,14%).
Најмногу приходи од рекламирање остварила РА Антена 5 (23,74 милиони денари, односно 44,11% од приходите од реклами во овој сегмент на радиската индустрија). РА Слободна Македонија по овој основ остварила околу еден милион денари помалку отколку РА Антена 5 (22,69 милиони денари). Значително пониски приходи од реклами прикажале РА Канал 77 (3,86 милиони денари) и РА Метрополис (3,54 милиони денари).
Радиостаници на регионално ниво
Во споредба со претходната година, вкупните приходи на регионалните радиостаници се намалиле за 4%.
80,09% од приходите остварени на регионалниот радиски пазар биле од реклами и телешопинг. Во споредба со претходната година, овие приходи се намалиле за 5,93%.
Највисоки приходи од рекламирање и оваа година прикажале РА Буба Мара (6,84 милиони денари), РА Фортуна (5,76 милиони денари), РА Ват (5,46 милиони денари), РА Спортско 90,3 ФМ (5,19 милиони денари), РА Сити (4,55 милиони денари) и РА Скај (4,39 милиони денари). Овие шест радиостаници заедно оствариле 32,2 милиони денари, односно 77,48% од вкупните приходи од реклами и телешопинг.
Радиостаници на локално ниво
Програма на локално ниво во текот на целата 2014 година емитуваа вкупно 54 радиостаници, и тоа 52 комерцијални и две непрофитни радиостаници.
Вкупните приходи кои во анализираната година биле остварени во овој сегмент на радиската индустрија изнесувале 33,84 милиони денари. Речиси половината од нив (15,96 милиони денари) ги оствариле само десет радиостаници, и тоа РА Кавадарци (2,98 милиони денари), РА Експрес (1,78 милиони денари), РА Енџелс ФМ (1,65 милиони денари), РА Супер (1,56 милиони денари), РА Браво (1,5 милиони денари), РА Галакси-2002 (1,47 милиони денари), РА Тајм (1,42 милиони денари), РА Холидеј (1,31 милиони денари), РА Хит (1,17 милиони денари) и РА 106 (1,12 милиони денари).
Речиси 90% од приходите коишто ги оствариле локалните радиостаници биле од реклами и телешопинг (30,25 милиони денари). Најатрактивна за огласувачите била РА Експрес од Струмица, која од рекламирање остварила 1,78 милиони денари. Позначајни приходи од реклами прикажале и РА Кавадарци од Кавадарци (1,01 милион денари), РА Енџелс ФМ од Штип (1,65 милиони денари), РА Супер од Охрид (1,56 милиони денари), РА Браво од Куманово (1,2 милиони денари), РА Галакси-2002 од Кавадарци (1,47 милиони денари), РА Тајм од Гевгелија (1,38 милиони денари), РА Холидеј од Прилеп (1,31 милион денари), РА Хит од Струмица (1,17 милиони денари и РА 106 од Битола (1,12 милиони денари).