Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions објави нови стандарди и мерки за интегритет во рамки на својот натпреварувачки сегмент. По темелна ревизија, ќе биде воведен унапреден систем што ќе обезбеди нов модел на одговорност, строгост и доверба во оценувањето на креативната извонредност.
За време на овогодинешниот фестивал, поради заеднички грижи поврзани со манипулации, синтетички медиуми и употреба на вештачка интелигенција, дојде до повлекување на веќе наградени проекти. Со цел да се зачува интегритетот на сите идни пријави, Cannes Lions најави сеопфатна нова рамка за оценување. Почнувајќи од 2026 година, сите пријавени проекти на меѓународниот фестивал на креативноста ќе подлежат на нови мерки за отчетност и стандарди за интегритет, дизајнирани не само за заштита на кредибилитетот на наградите, туку и за повторно нагласување на културната и комерцијалната вредност на креативност што е вистинита и одговорна.
Веќе повеќе од 70 години, Cannes Lions го демонстрира влијанието што креативноста го има врз напредокот, а доказите дека креативноста води до ефикасност и деловен успех се добро документирани. Оваа година, независна анализа повторно ја потврди поврзаноста помеѓу креативноста и деловниот раст. Interbrand презентираше студија за 50-те најнаградувани брендови, покажувајќи дека креативната извонредност директно се одразува на бизнис резултатите: зголемување на профитабилноста за 2,7% и пораст на пазарната капитализација за 4,7% во годината по добивањето награда на Cannes Lions, надминувајќи ги пазарните просеци.
„Индустријата се менува со молскавична брзина. И, како и остатокот од индустријата, така и Cannes Lions се приспособува на тие промени. Во срцето на Lions е креативноста што генерира раст. Новите стандарди ја одразуваат нашата одговорност да обезбедиме платформа за креативност, но и да ја заштитиме нејзината вредност, притоа потврдувајќи дека креативната извонредност мора да биде синоним за креативен интегритет“ – истакнува Сајмон Кук, извршен директор на LIONS.
Нови глобални стандарди за креативен интегритет
Следниве мерки ќе бидат спроведени на Cannes Lions и поврзаните награди од 2026 година. Сите мерки ќе бидат постојано преиспитувани, имајќи ја предвид брзината со која се менува индустријата:
Стандард 1: Сопственост и Авторство
- Одговорност, партнерство и дозвола
Секоја апликација мора да биде одобрена од страна на деловниот лидер на пријавената компанија и од страна на висок претставник на брендот што ја нарачал кампањата. Овие декларации потврдуваат дека сите елементи од апликацијата – вклучително и видеа, писмени материјали, податоци и тврдења – се фактички точни, одговорно обезбедени и одразуваат реални настани и резултати.
Стандард 2: Вистинитост на тврдењата
- Двостепен систем за проверка на факти
Нов систем за двостепена верификација ќе комбинира рачна проверка со анализа базирана на вештачка интелигенција за да се провери вистинитоста на тврдењата во секоја апликација. Ова е првпат ваква хибридна структура (човек + вештачка интелигенција) да биде институционализирана на глобално ниво во однос на фестивалски награди. - Независна експертиза и поддршка
Судиските комисии на Cannes Lions ќе имаат пристап до независен експерт за податоци и мерења, кој по барање ќе обезбеди техничка експертиза при оценувањето на влијанието, ефективноста, медиумскиот досег и интерпретацијата на податоците. - Прирачник за интегритет во ерата на вештачката интелигенција
Овој прирачник ќе воспостави глобален стандард за транспарентност и легитимност на креативноста во доба на вештачката интелигенција. Ќе утврди што е прифатливо, што мора да се објави и што претставува прекршување. Моделот е наменет за апликанти, жирирачи и други засегнати страни, и се препорачува за широка примена во индустријата.Прирачникот ќе биде развиен врз основа на принципите на OECD за вештачка интелигенција, насоките на Partnership on AI за синтетички медиуми, и препораките на UNESCO за етика на вештачката интелигенција.
Стандард 3: Последици од погрешно прикажување
- Дисквалификација и повлекување
Cannes Lions го задржува правото да дисквалификува или повлече пријава во секоја фаза – вклучително и по доделувањето на награда – доколку се утврди сериозно погрешно претставување. Може да се побара дополнителна документација или сведочење од високо позиционирани лица. - Санкции за намерни прекршоци
Компании кои свесно пријавиле лажни или манипулативни проекти може да бидат исклучени до 3 години. Истото важи и за членови на жирито. Санкциите ќе се определуваат преку независна ревизија за да се обезбеди објективност.
Стандард 4: Постапка и независен надзор
- Совет за интегритет и правична постапка
Сите ескалирани случаи ќе се разгледуваат од новоформираниот Совет за интегритет, составен од правни, етички и неутрални експерти. Апликантите ќе имаат право на одговор и жалба во разумен рок.
Стандард 5: Транспарентност во управувањето
- Годишна ревизија на интегритетот на креативниот стандард
Со цел поголема транспарентност, Cannes Lions секоја година ќе објавува извештај за ревизија на интегритетот, со преглед на забелешките и предлозите што довеле до постојано подобрување на системот кој ја поддржува глобалната референтна рамка за креативност.
„Креативноста има вредност само ако е веродостојна. А, веродостојноста мора да се заслужи, не да се подразбира. Овие навремени промени го означуваат почетокот на една нова ера – не само за Cannes Lions, туку и за иднината на глобалниот креативен маркетинг“ – заклучува извршниот директор на LIONS, Сајмон Кук.