Според извештајот на организациите Kepios, Hootsuite и We Are Social за состојбата, развојот и предизвиците на македонскиот дигитален пазар во 2019 година, 81% од македонското население, односно 1.69 милиони жители, се активни на интернет. Притоа, 1.54 милиони жители или 74% од населението користат интернет преку мобилен уред.
Во државата има 1,10 милиони активни корисници на социјалните мрежи, што е еднакво на 53% од вкупната популација. Околу 1 милион, односно 48%, пристапуваат кон социјалните мрежи преку мобилен уред.
Најпопуларна социјална мрежи меѓу македонските граѓани е Facebook, со вкупно 1.10 милиони корисници. Меѓу нив побројни се мажите со 58%. Забележлива е одредена заситеност во креирањето на нови Facebook профили на квартално ниво.
Втора најпопуларна социјална мрежа е Instagram со околу 610.000 корисници, кај кои соодносот жени-мажи е 44% наспроти 56%. Како и во случајот со Facebook, постои заситеност во креирањето на нови профили.
На Twitter месечно се активни околу 86.600 корисници, со тенденција за раст од 5.5% на квартално ниво. Соодносот на жени и мажи во рамки на македонската Твитер заедница е 21% наспроти 79%, соодветно.
На професионалната социјална мрежа LinkedIn се активни околу 220.000 македонски граѓани, со тенденција за раст од 4,8% на квартално ниво. Поголем број од македонските корисници на LinkedIn се жени – 53%.