Популарниот бренд на колачиња Oreo се здружија со еден од најпопуларните суперхеројски брендови на денешницата – Бетмен, со цел да создадат лимитирана серија на колачиња инспирирана од „Темниот витез“.
Со цел промоција на специјалните колачиња беше лансирана кампања во чиј центар се наоѓа краток филм чија визуелна основа се Oreo колачиња кои прикажуваат различни симболи поврзани со франшизата Бетмен. Како што прогресира спотот, така го гледаме легендарниот град Готам во кој оперира Бетмен како се издигнува од колачињата Oreo.
Со оглед на тоа што последните играни филмови во франшизата Бетмен применуваат монохроматска палета на бои карактеристична за класичните ноар филмови, црно-белиот контраст на бисквитите и филот на Oreo се вклопија одлично во овој концепт.
Кампањата е создадена со помош на креативците од агенцијата Saatchi & Saatchi Düsseldorf.