Врз основа на податоците за бројот на корисници и месечните приходи, аналитичарите пресметаа колку би можела да изнесува месечна претплата на Фејсбук
Ниту еден од корисниците на Фејсбук не мора да се грижи за тоа дека оваа социјална мрежа во иднина ќе биде достапна само за претплатници, но за можна верзија на Фејсбук, каде што ќе нема реклами и за која ќе биде потребно да се плаќа месечна претплата, се зборува се` повеќе, откако беше откриено дека податоците на десетици милиони луѓе завршија во рацете на аналитичарите на компанијата Кембриџ Аналитика.
Дури и Марк Цукерберг, за време на неодамнешното сведочење пред членовите на Конгресот, не ја отфрли можноста за претплатничка верзија и рече дека тоа е идеја за која би можеле да размислат.
Најважното прашање кое се наметнува во однос на претплата на Фејсбук е – цената, или колку би можел Цукерберг месечно да наплатува за користење на оваа мрежа, односно колку пари вредат корисничките податоци и сите овие реклами кои се појавуваат на мобилната и веб верзијата на Фејсбук.
Иако во моментов е тешко да се одговори на ова прашање, новинарите врз основа на месечниот приход на оваа компанија во Северна Америка и бројот на корисници, заклучија дека Фејсбук на овој пазар месечно заработува седум долари по корисник.
Но во компанијата TechCrunche сметаат дека месечната претплата не би изнесувала седум долари, тука таа би требало да биде многу повисока, бидејќи веруваат дека токму корисниците кои можат да плаќаат месечна претплата за Фејсбук се најголемиот дел од оние до кои огласувачите сакаат да ги пласираат своите реклами.
Имено, тие сметаат дека станува збор за луѓе кои се побогати од просечните корисници, а луксузните брендови плаќаат повисока цена за да им ги прикажат своите реклами. Исто така, таквите корисници веројатно поминуваат повеќе време на интернет и на Фејсбук и им се прикажуваат повеќе реклами, па нивната вредност е повисока од просечните седум долари.
Иако оваа бројка е тешко да се утврди, аналитичарите веруваат дека таа би можела да се движи помеѓу 11 и 14 долари месечно и прашање е колку корисници, всушност, можат/сакаат годишно да плаќаат речиси 170 долари за сурфање на Фејсбук без реклами. И доколку оваа мрежа ги следи корисниците кои немаат профил на неа, се чини дека дури и ова нема да биде гаранција за целосна приватност.