Парите кои ги заработуваат инфлуенсерите на социјалните мрежи се зголемуваат со огромно темпо во последните неколку години, се наведува во новиот извештај.
Компанијата за маркетинг Изеа, откри дека просечната цена на спонзорираната фотографија на Инстаграм скокна од 134 долари во 2014 година, на 1.642 долари во 2019 година. Се чини дека брендовите се подготвени добро да платат за спонзорирани постови, видеа, стории и блогови, пренесува Бизнис инсајдер. Сепак, некои експерти тврдат дека ова нема да стави крај на традиционалното рекламирање.
„Дигиталниот маркетинг е еквивалент на рекламирањето “од уста до уста“, но секогаш ќе има комбинација од него и традиционалното рекламирање“, вели Јувал Бен-Итзак, извршен директор на Socialbakers, платформа за маркетинг на социјални медиуми.
Во извештајот се опфатени спонзорирани содржини на Фејсбук, ЈуТјуб, Инстаграм и блогови, со преглед на цените на договорите од 2014 до 2019 година. Од микро-инфлуенсерите (луѓе со помалку од 100.000 следбеници) до славните, откриено е дека се заработуваат многу пари во овој сектор.
Истражувањето откри дека:
- Просечната цена за спонзорирани фотографии на Инстаграм е зголемена за 44% само од 2018 до 2019 година
- Цената на спонзориран блог-пост се зголеми од 7,39 долари во 2006 година на 1442 долари во 2019 година
- Видеата на YouTube се најскапи и бележат раст од 420 американски долари во 2014 година на 6.700 во 2019 година
- Цената за статус на Фејсбук се искачи од 8 долари во 2014 година на 395 долари во 2019 година
- Цената по објава на Твитер се искачи од 29 долари во 2014 година на 422 долари во 2019 година
- Постовите на блоговите се зголемиле од 407 долари на 1442 долари
Бидејќи сè повеќе луѓе сакаат да станат инфлуенсери на социјалните мрежи, индустријата доби и поголема контрола од регулаторните органи врз објавите. Минатиот месец, тројца инфлуенсери објавија на Инстаграм содржина поврзана со производи за слабеење, што потоа беа забранети од страна на регулаторните органи. За нив е наведено дека се „неодговорни“.
Брендовите ќе продолжат да трошат пари за рекламирање на социјалните мрежи, покажуваат податоците од Socialbakers. Студијата сугерира дека спонзорираните постови на инфлуенсери се зголемени за 150% во изминатата година и дека употребата на хаштагот #ad е повеќе од двојно. Се предвидува дека брендовите ќе ги зголемат трошоците за маркетинг со инфлуенсери во 2020 година, што ја прави индустријата вредна 10 милијарди долари.
Инстаграм моментално експериментира со криење „лајкови“ на постовите, но Бен-Итзак не смета дека тоа ќе има какво било влијание врз индустријата со инфлуенсери. „Инфлуенсерите сепак ќе можат да видат каква интеракција имаат и вообичаена е практиката да им дозволат на брендовите да го видат тоа“, вели тој. „Поголемото прашање ќе биде дали потрошувачите ќе продолжат да реагираат кога не ги гледаат лајковите“.