Деновиве мој пријател Французин ми кажа дека е избран како ПР(Public relation) консултант на голема фармацевтска компанија од Германија. Со задача да подготви ПР стратегија и да предложи ПР алатки со чие имплементирање во период од три месеци би се подобрил имиџот на компанијата чии акции имено котираат на големите светски берзи. Со подобрен имиџ и кредибилитет, компанијата очекува раст на вредноста на акциите, но и зголемен интерес за нив, што дава можност и за нова емисија на акции, со што би се добиле средства кои би овозможиле нов инвестиционен циклус, истражувања и развој.
Хонорарот што ќе го добие е 150.000 евра за изработка на стратегија, избор на ПР техники и нивна имплементација, а дополнително му е понудено и процент од растот на профитот, пред се поради зголемената вредност на акциите. Мотивација за работа “до небо”. Кога во разговор му кажувам какви се буџетите во Македонија за ПР стратегија, не можеше да се изначуди.
Целата стратегија ја базираат на истражување во кое ќе вклучат голем број на доктори и фармацевти од неколку европски земји, од кое очекуваат позитивни резултати кои ќе ги потврдат позитивните здравствени ефекти од употребата на носечкиот бренд на клиентот, кој притоа е и патентиран производ, од чии авторски права во иднина може да се очекуваат големи приходи. При спроведувањето на истражувањето тие соработуваат со Германската лекарска комора со цел да добијат на кредибилитет и независност и на поголема доверба во комуникацијата. Секогаш е подобро некој друг да го промовира твојот производ или компанија, а ако е тоа некој во кој јавноста има доверба, шансите за успех се големи. Во истражувањето се вклучиле 1000 доктори и фармацевти, а проектот е реализиран во богатите земји како Франција, Германија, Англија и Белгија.
Од добиените резултати се подготвува соопштение кое се пласира на интернационалните новински агенции, кои се извор за информации за најголемиот дел од медиуми. Со претседателот на Германската лекарска комора е организирано интервју кое се објавува во билтенот на оваа институција, која важи како едукатор во дејноста. Во Франција се организира семинар за стручната јавност на кој се презентираа резултатите од истражувањето. Во фокусот на нивните активности беше медицинската стручна јавност, што е и причина фокусот на медиумската покриеност да биде во стручни медиуми кои го покриваат секторот здравство. И во Македонија се подготвуваат стратегии во кои се вклучени истражувања, но буџетите се мали. Затоа ,,колку пари толку музика,,.
ПР стратегијата на мојот пријател за кратко време предизвика и т.н. word of mounth ефект, така што истражувањето и информациите за позитивните ефекти од употребата на производот на клиентот се прераскажуваа.
Не поминаа ни 5 месеци, вредноста на акциите на компанијата пораснаа за 3%, се појавија и на Њујоршката берза, а се претпоставува дека интересот за нови акции ќе биде голем.
Резултатите се одлични, клиентот презадоволен, а самата помисла дека ќе заработи милион евра е како сон. Сите алатки кои ги користат странците добро им се познати на луѓето кои работат ПР-от во Македонија, но за жал многу малку се вложува во оваа дејност. Само дел од големите и успешни компании ги знаат предностите на ПР-от, свесни дека колку средства ќе вложат, толку ќе им се врати. Постои недоверба на споделување на информации, и ниско ниво на едукација. Одговорноста е кај сите, најмногу кај компаниите кои ја губат можноста за евтина а ефективна промоција, но и кај големите агенции каде неретко ПР-от личи на адвертајзинг!
Пишува: Сашо Дуљанов
Првично објавено на: Фактор.мк