Под влијание на одредбите од Законот за дигитални услуги на Европската Унија, најголемите социјални мрежи во светот ги објавија своите бројки на месечно активно корисници во државите на Унијата.
Според досега објавените бројки, на првото место како најпопуларна мрежа се наметнува Фејсбук со околу 255 милиони месечно активни корисници. Веднаш зад Фејсбук се наоѓа нивната сестринска платформа Инстаграм, со околу 250 милиони месечно активни корисници.
Следни на листата се ТикТок со околу 150 милиони месечно активни корисници во Европската Унија. Компанијата исто така објави дека има над 5,000 вработени лица во десетина земји од европскиот континент.
Платформата Снепчет сé уште нема објавено прецизни податоци за бројот на нивните корисници во Европа, туку откри дека на глобално ниво има 750 милиони месечно активно корисници – од кои 150 милиони се во САД, а се проценува дека исто толку ги има и во Европа.
На петтото место на листата на најпопуларни социјални мрежи во Европа се наоѓа Твитер, со околу 100 милиони месечно активни корисници.
Законот за дигитални услуги на Европската Унија (Digital Services Act) се однесува на секоја социјална платформа со над 45 милиони корисници и бара од нив да се подложат на активности за управување и ублажување на ризик, покрај преземањето поголема одговорност за содржината објавена од страна на нивните корисници. Како резултат на оваа регулатива, социјалните платформи исто така ќе бидат предмет на независна надворешна ревизија.