Колумна на Александар Табаковски, првично објавена на порталот Дерби.мк
Лесните патнички возила минале низ многу трансформации од своето појавување до денес, но во претстојниот период до 2050 година се очекува уште една нивна метаморфоза, при што за целата авто-индустрија тоа ќе претставува сложен процес, пропратен со законски регулативи, но и револуционерни и досега непознати технолошки достигнувања.
Климатските промени се случуваат пред нашите очи, а човечката популација е исправена пред предизвикот за зачувување на животната средина, во прва инстанца преку елиминирање на негативните појави. Сообраќајот е крвоток на едно општество, па иднината во таа смисла е започната со прецизна дијагноза, а ќе продолжи како дел од една глобална стратегија за еколошки прифатлива мобилност.
Конвенционалните воени конфликти подразбираат извесни тактики што им се познати на оние кои своето образование го стават во служба на милитантните единици, но повеќе од кога било е потребна нова стратегија за непознатиот противник што се заканува да го смени описот на планетата Земја. За да може да се определат соодветни чекори, но и цел кон која треба да се стремат сите чинители што учествуваат во оваа „специјална мисија“, треба да разберат и причините кои довеле до оваа ситуација.
Девственото лице на природата е нагрдено во однос на пред-индустриската ера, затоа што на крајот од 18 век тогаш унапредените изуми како парната машина и парната локомотива биле причина за појава на првата индустриска револуција, додека втората индустриска револуција доведе до широка примена на машините во фабриките еден век подоцна. Преку согорување на разни ресурси била создадена потребната енергија, но во исто време тоа може да се смета и за момент кога многукратно почнала да се зголемува и емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата.
Денешните научници го земаат јаглерод диоксидот како основа за објаснување на „ефектот на стаклена градина“, но и како репер за споредување со другите „стакленички гасови“ како метанот и азотниот оксид.
Учеството на друмскиот сообраќај се проценува на 16% од вкупната емисија на стакленички гасови, според анализата на OICA. Оттука, една од целите на оваа „специјална мисија“ ќе биде и создавање алтернативи за автомобилската индустрија. Моторите со внатрешно согорување се посочени како најголеми загадувачи, бидејќи користат фосилни горива, со чија употреба се создаваат гасовите кои и штетат на човековата околина.
Со Парискиот договор, кој е усвоен во декември 2015 година, конституирана е стратегијата со која во 2100 година ќе се дојде до извесни резултати. Овој договор е легално обврзувачки и е потпишан од 196 земји во светот. Во 2022 година се смета дека просечната температура била покачена за 1,15 степени на светско ниво, но во оптимистичкото сценарио по достигнувањето на пораст од 1,8 степени Целзиусови во 2050 година, во 2100 година ќе се постигне тоа да биде намалено на 1,5 степени на светско ниво.
Процесот на декарбонизација бара сериозни зафати и лимитирање на идните штетни емисии на гасови од лесните патнички возила, кои според една публикација на организацијата „Green Peace“ во 2019 година во 99 отсто користеле мотор со внатрешно согорување. Возилата со електричен погон имале само 0,5 отсто удел од пазарот, но таа бројка е во континуиран пораст. Анализите на „Блумберг“ велат дека ако во 2019 година имало вкупно 2,2 милиони возила (збир од оние кои се целосно електрични и хибриди), во 2023 година таа бројка се движи околу 13,8 милиони, а за 2024 година се предвидува продажба на 16,7 милиони возила. Во извештајот на „S&P Global“ цитирани се бројките од 25% учество во пазарната продажба за 2025 година, односно 68% за 2030 година.
Според Државниот завод за статистика емисијата на стакленички гасови во Македонија флуктурирала од 11.687 кило-тони во 2003 година до 12.863 кило-тони во 2011 година. Истата организација укажува дека учеството на патничките моторни возила кои имале старост до 10 години од осамостојувањето на државата па наваму е во опаѓање (1990 = 24,5% наспроти 2012 = 15,2%). Истовремено, бројот на возила чија старост е над 10 години е во коннтинуиран пораст (1990 = 60,1% наспроти 2012 = 73,2%). Сето тоа резултира со зголемување на просечната старост на патничките возила од 15,4 години во 2004 година на 19,5 години во 2021 и 2022 година.
Европската унија подготви закон за да се забрани продажба на нови возила со мотор за внатрешно согорување од 2035 година. Датумот беше утврден бидејќи како просечна старост на едно возило се смета период од 15 години, а целта на законодавците е до 2050 година да се добие состојба „нето нула“, поточно баланс меѓу емитуваните стакленички гасови и оние што се „заштедени“ со употребата на новите решенија. Притоа, за да се дојде до „нула емисија“ на јаглерод диоксид во 2050 година потребно е најмалку 45 отсто намалување на емисиите веќе во 2030 година (СО2) или -55% стакленички гасови. Глобално, се посакува до 2050 година 88% од вкупната енергијата да доаѓа од обновливи извори, плус 8% од нуклеарна енергија, а само 2% да останат базирани на фосилните резерви.
Во вака јасно дефинираната стратегија се случи своевиден заплет: во 2023 година беше усвоен амандман со кој моторите со внатрешно согорување ќе останат „во живот“ кај лесните патнички возила, но само доколку користат синтетички горива кои што се неутрални по прашање на емисијата на јаглерод диоксид.
Прочитајте ја целосната колумна на следниот ЛИНК.