Реална состојба Број 1: Еве дојде јануари 2026 година и уште не ме имаат покането да станам член на Управен одбор на директори во некоја домашна банка. Чудно, бидејќи имам одлични соработки со прилично многу компании од сите индустрии, работник сум и нескромно речено, важам за некој кој има прилично солиден нетворкинг низ цел држава, но тоа е што е :) Ако ова се смени, навремено ќе известам :)
Реална состојба бр. 2: Уфф, кога убаво ќе проверам, сеуште не сум станал ни милионер во валутата која ја посакувам.
Така што, малце можеби е и спорно јас да зборувам што е најважно за да се успее во бизнисот (имајќи ја предвид реалната ситуација), но сепак мотивацијата за оваа колумна и порака што сакам да ја пренесам е отпорна на сите досега не-реализирани бизнис-цели за кои “скоро дознав” дека се показателот.

Нејсе. Пред неколку денови во екот на честите седенки по повод изминативе празници еден пријател веројатно не знаејќи за погоре спомнатите мои неуспеси (а и често се витаминизиравме со туршија тие денови) ме праша следново: “Што според тебе Борис е најважно за да успеам, да бидам супер успешен во бизнисот?”
Прашањето, за секунда ме размрда. Мојот одговор без многу размислувања беше: најпрво одлучи дали сакаш да правиш само пари или да градиш бизнис …и потоа вложи се што имаш во нетворкинг и запознавање на квалитетни луѓе!
Објаснувањето:
Јас навистина верувам дека мрежата на луѓе кои ги знаеме е највредниот бизнис капитал кој го градиме и носиме, со нашата личност рака-под-рака.
Луѓето прават бизнис со луѓе!
И тоа најчесто со луѓе кои ги знаат, им веруваат и знаат дека нема да ги изневерат и да го “заборават” дадениот збор.
Нетворкингот е капиталот што помага во стартот на секој нов бизнис потфат, што отвара (железни) врати на други сопственици, директори, менаџери или министри – зависи што ти треба во моментот.
Нетворкингот може да се развива стихијно, но според мене потребно е тој да се “провоцира”, т.е. да се стави акцент на него и активно да се работи на негова “реализација”. Има толку многу можности за среќавање на луѓе на различни начини што навистина не вреди оправдувањето: “нема како да го ширам мојот круг”.
Да, кругот се создава “на работа”, но и во теретана. Се создава и на конференција, на Бизнис-кафе, но и при пешачење на планина. Со покана на контакт преку Linkedin на кафе. Со испратен маил “да видиме кој што работи и дали може да се најдеме”.
Имаш и невладини, Лајонси, Ротари и други слични организации каде луѓе со некаков заеднички интерес (или споделена вредност) се собрале околу некоја заедничка цел? Најди ги, пријди им, побарај да се зачлениш и ете ти еден куп нови контакти. Контактите се првиот чекор.
Е сега, откако ќе ги запознаеш луѓето, најголема грешка е да “форсираш” релацијата “контакт” да стане “пријател”. Тоа е навистина возможно и оддржливо само со оние со кои ќе споделиш вистинска, искрена вредност или нешто што силно Ве поврзува.
Првиот “газда” за кој работев во кариерата на пример е (како и јас) страствен навивач на Манчестер Јунајтед и ние и ден денеска си контактираме околу нашата пасија и успат може и да сработиме нешто, после речиси 10 години откако јас не работам повеќе за таа компанија. Бидејќи покрај професионалниот однос, ние сме развиле и пријателски, секако базиран на голема меѓусебна почит еден кон друг.
Но, имам и екстремно блиски и добри пријатели и соработници што баш и не го сакаат Јунајтед (еден ги нашол Ливерпул :) , друг Челзи… ) но сме развиле милион други спојки за работи што заеднички ги размислуваме и правиме, меѓусебно се поддржуваме (дури и си честитаме на фудбалски победи) и заеднички, секојдневно се трудиме да се подобруваме.
“Нетворкинг” е во суштина имање човек што ќе ти каже вистина, дури и кога не ти одговара. Човек што ќе те препорача кога не си во просторијата. Човек што нема да те продаде за прва подобра понуда.
Многумина го гледаат нетворкингот како нешто што се прави кога имаш време, кога си веќе “стабилен“ (што и да значи тоа). Јас баш мислам обратно: нетворкингот е осигурување. Кога проект ќе пропадне, кога клиент ќе откаже, кога ќе дојде криза, не те спасува само идејата, туку луѓето што можеш да ги побараш на телефон без срам и без калкулација.
Има луѓе кои во извесна смисла станале и мои бизнис ментори со кои сме споделиле визија за едно подобро и поправедно општество, во кое нема глупи поделби по партиска, етничка, географска основа. Тоа е пријателство кое нема врска со бизнис, но сепак ние сеуште соработуваме, гледаме да си помогнеме во работата – но и да дејствуваме после 4p.m. ако затреба било што. Можам да споменам уште еден куп примери, но мислам дека поенатата е јасна.
Со тек на време сфаќаш дека нетворкингот не ти го шири само бизнисот, туку и карактерот. Ако си опкружен со луѓе што читаат, учат, градат, се сомневаат во себе и се подобруваат- и ти немаш избор освен да растеш. Ако си со луѓе што кукаат, обвинуваат и бараат “кривини” и тоа станува твоја реалност.
Во нетворкингот, поважно е да бидеш корисен отколку интересен. Луѓето не паметат кој најгласно зборувал на маса, туку кој им решил проблем, кој ги споил со некого, кој се јавил кога било најпотребно. Затоа едното и единствено прашање кое се поставува на искрен пријател е: “Како можам да ти помогнам?”. И за крај, без разочарувања, треба да се знае дека нетворкингот е долга “уметност”. Некои луѓе што ги запознаваш денес, ќе станат релевантни за твојот живот по 5, 10 или 15 години.
Мојот пријател кој ми го постави прашањето за “Успевање во бизнисот” ова што му го кажав го бендиса како одговор и ми рече – мора да напишеш колумна за ова! …па еве пусти атер :)
Затоа, драг мој пријателу (читателу) сакав да ги споделам моите неколку зборови на тема нетворкинг како основен, главен капитал во бизнисот, клучен за успех во било која сфера. Нетворкинг кој се ГРАДИ, кој не се ФОРСИРА. Кој треба да се негува, кој треба да се “поттурне”. Тоа се луѓето кои ќе бидат тука за тебе во твојот бизнис (и животен) пат – но и за кои ти МОРА да бидеш тука за нив, било кога, за било што!
Не мора да се слушате секој ден, но мора да бидете тука кога ќе си затребате.
Ќе го завршам муабетов за важноста на нетворкингот со еден совет од мојот некогашен наставник по ликовно, академски сликар кој за жал не е повеќе меѓу нас, во стилот на врвен филозоф-уметник често ќе речеше: “Секогаш кога ќе можеш да отидеш некаде, на настан, на кафе… а се мислиш дали вреди да се оди или подобро да си седам дома (пошто нели сум изморен од денот) – одлучно облекувај се, најпрво естетски да личиш на чоек, брзо брзо излегувај, биди точен и оди таму каде што има други ЛУЃЕ…да бидеш квалитетен и добар ЧОВЕК за пример!”.
Никогаш не сум зажалил што сум го прифатил овој совет! Иако еве пак ќе спомнам, ни борд на директори, ни милионер :)














