Пишува: Дражен Котески, Linkedin

Креативноста е повеќе од механичко производство. Таа е пулсот на нашето постоење. Тоа е моментот кога погледот и раката треперат над празна страница, не затоа што е празна, туку затоа што е полна со можности што само ние можеме да ги почувствуваме. Човечката креативност носи емоции, лични искуства и намера. Елементи што машините можат да ги имитираат, но никогаш целосно да ги разберат. Тоа е чин на создавање што доаѓа од длабочината на нашето битие, нешто што не може да се програмира.
Последниве години, брзиот развој на вештачката интелигенција (ВИ) во креирањето содржини ме тера да се запрашам: „Што жртвуваме кога им дозволуваме на машините да зборуваат во наше име“? Како некој што го сака процесот на создавање, од првата искра на инспирација до последниот збор, чувствувам дека прекумерната зависност од ВИ ја цица душата од нашите зборови. Тоа е тивка, но длабока загуба, слична на заменувањето на топлиот допир на рачно напишана честитка со студен, безличен, дигитален шаблон.
За брендовите, последиците се уште посериозни. Замислете свет каде секоја компанија го користи истиот алгоритам за да ги обликува своите пораки. Што се случува тогаш? Сите почнуваат да звучат исто, како монотоно ехо во празна соба. Без идентитет. Без карактер.
Автентичноста, онаа искра што ги поврзува брендовите со луѓето, почнува да исчезнува. Кога пораките стануваат масовно произведени, тие ја губат својата уникатност. Замислете иднина каде секој слоган, секоја приказна, секој повик за акција е само рециклирана и парафразирана верзија на истата формула. Дали би се сеќавале на таков бренд? Дали би ви значел нешто?
Етичките прашања се подеднакво загрижувачки. Луѓето копнеат по искреност, по приказни што доаѓаат од срце, по пораки што носат вистина. Но, ВИ може да создаде само илузија на емоција, полирана фасада зад која нема душа. Брендови што го кријат своето потпирање на технологијата или ја злоупотребуваат за да манипулираат, ризикуваат да ја уништат довербата што со години ја граделе. Едно погрешно движење, еден откриен лажен глас, и публиката полека но сигурно се повлекува, разочарана од без-емоционалното клише на веќе слушнатите зборови. Довербата е кревка, а технологијата, колку и да е напредна, не може да ја замени човечката искреност.
Автентичноста не е само маркетиншки трик, таа е сржта на човечноста. Како што вели Ленс Секретан, „Автентичноста е усогласување на главата, устата, срцето и нозете. Да се мисли, кажува, чувствува и прави исто, постојано “. Без тој интегритет, брендовите стануваат празни силуети, сенки на она што би можеле да бидат. AI може да состави совршена реченица, но не може да го почувствува товарот на нејзиното значење. Не може да заплаче, не знае да се насмее или да сонува. А токму тоа е она што нè прави луѓе.
Во уметноста, оваа разлика станува уште поочигледна. Секој потег со четката, секој стих, носи отпечаток од нечиј живот, радост, болка, копнеж. ВИ може да репродуцира ремек-дело, но не може да го почувствува зошто уметникот плачел додека го создавал. Уметноста е огледало на човечноста, каде емоциите и искуствата се прелеваат во нешто што само човекот може да го почувствува. Машините можат да генерираат слики или да напишат песни, но им недостасува суштината. Онаа несовршена, но длабоко вистинска магија што ја прави уметноста вечна.
На крајот, да создаваш е да сакаш да вложиш дел од себе во нешто што може да допре друго срце. Креативноста е чин на љубов, поврзана со универзални човечки емоции кои нè прават живи. ВИ не мора да го означи крајот на овој процес. Како алатка, таа може да ги ослободи нашите идеи, да ни помогне да истражуваме нови хоризонти. Но, без човечкиот допир, ризикуваме иднина каде сè е беспрекорно, но ништо не е вистинско. Свет на едноличност каде креативноста тивко умира.
Сепак, не мислам дека треба целосно да ја отфрлиме ВИ. Таа е неверојатно моќна алатка, способна да го забрза процесот и да ослободи простор за иновации. Замислете сликар кој користи ВИ за да експериментира со бои, но ја задржува својата душа во секој потег со четката. Кога технологијата и човечноста работат заедно, резултатот може да биде нешто ново и возбудливо. ВИ може да биде партнер, но човечкиот ум и срце мора да останат на чело, да водат и да одлучуваат. Само така брендовите ќе ја задржат својата душа, својот глас, својата причина за постоење.
Во оваа ера на ВИ, предизвикот не е да се откажеме од технологијата, туку да ја користиме со мудрост. Да ја впрегнеме нејзината моќ, но да не дозволиме да нè дефинира. Брендовите што ќе успеат да ја задржат својата автентичност додека ја прифаќаат иновацијата, ќе бидат оние што ќе опстојат. Оние што ќе продолжат да зборуваат со човечки глас, дури и кога машините им помагаат да го напишат текстот.
Изборот, барем во овој краток момент, е само наш.
Да создаваме со технологија или да ѝ дозволиме таа да создава со нас.