Автор: Марко Костадиновски, првично објавена на Friday.mk
Од започнувањето на кризата па се до денеска, постојано размислувам за како наједноставно да дојдеме до решение за излез оваа криза. Криза која само што почна ни влеа страв на сите, а по она кое што сите го гледаме и слушаме, ќе потрае. Според некои држави, ќе трае неколку години додека да се стабилизираат работите. За некои ќе трае многу повеќе. Но, не е важно колку ќе трае, важно е дали знаеме како да излеземе од целата ситуација и да се обидеме да застанеме на нозе и колку можеме побезболно да ја прележиме болеста.
Имајќи во предвид дека јас како личност имам кратко, но богато искуство во бизнисот, постојано ме мачат некои работи, како на пример, зошто сме толку сиромашни како држава, дали постои некој начин да станеме Швајцарија на Балканот, дали можеме да бидеме држава која ќе има силна економија, моќни компании, дали можеме да бидеме држава која ќе биде горда на приватниот сектор и со нејзина поддршка ќе го освојува регионот, ќе го освојува светот?!
Сите овие прашања што ме мачат делуваат некако премногу едноставно решливи за да бидат вистините или се лажам? Или сите го делите истото мислење со мене, па можеби потајно се надевате дека е возможно едно вакво сценарио? Или и вие сте помирени со секоја гарнитура која доаѓа на власт за нивниот интерес за гласови, за нивниот интерес за сите други освен за стопанствениците (со исклучок на некои миленици)?!
Ситуацијата е поразителна, наместо државата да застане и да направи една јасна слика за компаниите, да направи план на развој и стратегија во координација со бизнис секторот, да се откаже од амебите кои ја цицаат крвта на државата и да ги намали тие амеби во реален и разумен број, да се откаже од вработувања во партиите, и да започнат да аутсорсираат компании за секоја активност.
Така ќе раснеме и ние, компаниите, така ќе вработуваме многу повеќе, така ќе сме конкурентни и во регионот, во Европа, во светот, така ќе сме јаки и за време на криза како оваа. Доаѓаме во ситуација на преговори со ЕУ, унија која во своите граници има едни од најмоќните земји во светот, со компании кои имаат свои канцеларии речиси насекаде во светот. И, тогаш кога конечно ќе се отворат границите и за нас, така сиромашни, како што сме сеа, ќе не изедат додека да трепнеме. Баш поради овие работи треба да седнеме сите заедно, да разгледаме неколку можности со кои ќе придонесеме заедно да имаме подобра иднина.
Еве еден мој предлог, кој е многу разумен. Во нашата држава има 5/6 сериозни компании за односи со јавност. Државата има еден тон јавни институции, претпријатија, министерства, кои имаат потреба од агенции за односи со јавност и компании кои ќе се грижат за имиџот на секоја институција. Наместо да ангажира еден тон службеници во јавната администрација, може да отворат сите јавни постапки со кои ќе се ангажираат нашите компании, а тие што треба да се вработат ќе се вработуваат во приватниот сектор, односно во нашите компании. Така нашите компании ќе имаат стабилни клиенти, ќе се развиваат, ќе вработуваат, и според големината на вработените, сигурно ќе размислуваат за развој во соседните држави, во регионот, па и пошироко. Така тие компании можат да носат странски капитал во касата на државата многу повеќе. Ќе се развие стопанството, ќе се стимулираат компаниите, вработените, ќе можеме да размислуваме на развој, а не како сега да се тресеме, и да се стискаме. Како што купувате нафта, хартија, хефталици, сијалици, столици, цвеќиња, можете и ПР услуги да земате од секој од нас. Овој мој предлог важи и за сите други дејности кои реално можат да придонесат многу. Односите со јавност се само еден пример.
Фактот е јасен и едноставен, мора да се промени матрицата на оние кои ја водат државата, мора да се направи систем кој ќе биде за почит, каде нема да може да царуваат административците. Направете го чекорот и излезете од матрицата. Ова го направија неколку држави. Распрашајте се кои. Сите политички партии, отворете ги ушите и очите и видете ја големата слика. Ако ви се малку 4 години власт за овие промени да станат реалност, почнете вие само, сигурно ќе ви се даде уште 4 плус. Направете нешто што ќе ве паметат сите, нешто што ќе го цениме, а нема да биде тоа нови вработувања во администрацијата и јавниот сектор.