Во дискусиите што ги имам со луѓето од областа на маркетингот, често ме прашуваат какво е дигиталното огласување во Македонија, зашто толку заостануваме од светските трендови, што е потребно за да се раздвижи нашиот пазар?
Кога ги прегледував статистиките на ZenithOptimedia за глобалните текови во рекламирањето дојдов до податок дека во светски рамки интернет огласувањето учествува со дури 20,6% во вкупниот рекламен буџет и претставува медиум со најголем пораст. Анализите покажаа и дека се предвидува раст од 15% годишно во следните три години. Интернет огласувањето веќе го надминува рекламирањето во печатените медиуми, а најголемиот извор на раст е огласувањето на мобилни уреди (смартфони, таблети).
Сепак во Македонија ситуацијата е доста поинаква. Интернет пенетрацијата во земјава изнесува 65% што е одлично во споредба со другите земји од региониот. Но констатацијата дека најголемиот дел од интернет корисниците припаѓаат на една помлада популација, која нема значајна куповна моќ, претпоставувам влијае за помал интерес за дигитално огласување.
Податоците околу трошоците за интернет огласување во земјава се повеќе од оскудни. Единствениот податок до кој може да се дојде е дека “бруто“ буџетот за интернет огласување во 2013 година изнесувал околу 1,9 милиони евра. Доколку од оваа сума се одземат попустите, бесплатните реклами, компензациите и сл, реалниот буџет за интернет огласување на целиот наш пазар е значително помал, и слободно би можеле да претпоставиме дека е можеби само половина од гореспоменатата сума.
Мојата перцепција е дека волуменот на интернет огласувањето во земјава е во стагнација последниве неколку години, без речиси никаков пораст. Проценките во јавноста се дека интернет рекламирањето учествува со помалку од 1% во вкупниот рекламен колач во земјава. Ова е навистина погубен податок, а генезата на проблемот сметам дека е повеќекратна.
Факторот (не)знаење според мене е клучниот проблем. Интернет рекламирањето е релативно ново на нашиве простори и огласувачите не ги познаваат во целост сите можности, предности и предизвици кои ги носи овој тип на рекламирање. Станува збор за сфера која контиунирано и секојдневно се менува, бара извесни технички познавања и изискува различен тип на комуникација (двонасочна, интерактивност со потрошувачите) од онаа која се пласира на традиционалните медиуми. Едноставно не го познаваме доволно дигиталниот свет!
Понатаму, имаме сериозен недостаток на релевантни податоци за пазарот. Во Македонија не постојат официјални податоци за учеството и растот на рекламирањето по сите различни типови на медиуми, па оттука не можеме да предвидиме ни трендови. Немаме независни и официјални податоци за посетеноста на најрелевантните домашни веб страници, немаме информации за користењето на мобилните уреди и апликации, за рекламите на Google од Македонија, за буџетите за рекламирање на социјалните мрежи итн. Листата на информации кои ни недостасуваат може да се прошири до недоглед.
Друг аспект се недостатоците „на страната на понудата“. Сеуште најголемиот број на домашни портали продаваат фиксен закуп на рекламен простор на неделно/месечно ниво, модел што во развиените земји е веќе одамна напуштен. Само мал дел се осмелуваат да продаваат импресии. Сеуште се оскудни можностите за понапредно огласување на домашниот интернет простор (ретаргетирање, контекстуално, мобилно, бихејвиорално рекламирање и сл.)
Многу често се забележуваат како истите рекламни решенија кои се емитуваат на телевизија или во печатените медиуми да се пресликуваат целосно и на интернет. Таквиот пристап е несоодветен бидејќи не носи адекватни резултати и воопшто не ги користи можностите на дигиталното рекламирање. Интернетот како медиум е сосема поразличен, и затоа комуникациско-визуелниот пристап кон него треба да биде сосема поинаков од оној кон традиционалните медиуми.
Иден раст на пазарот на интернет огласување во земјава е можен само со континуирана обука на сите вклучени во фелата, организирање на поголем број на семинари, трибини, конференции и сл. Потребен ни е организиран и независен пристап во истажувањето и обезбедувањето на податоци за рекламниот пазар, регулирање на ценовната политика за закуп и унапредување на понудата за рекламирање. Потребен ни е целосно нов начин на размислување кога станува збор за интернет маркетинг комуникација.
Лично сум убеден дека без исполнување на овие претпоставки, не е можен посериозен раст на интернет рекламирањето во земјава и фаќање чекор со поразвиените земји. Конечно, мораме да почнеме да ги користиме дигиталните медиуми на начин кој тие го заслужуваат!
Автор на колумната е Ненад Ристевски. Истата е првично објавена на порталот Faktor.mk