Пишува: Предраг Николовски
Подемот на “Лажните вести“ е новиот предизвик за сите кои се бават со дигитален маркетинг.
Тие како категорија постоеле отсекогаш, но нивниот ефект зависел од природата на медиумите. “Лажните вести“ успеваат со погрешно информирање, да ги заведат читателите за финансиски, политички или за други цели. Благодарение на непосредноста на социјалните мрежи сега, полесно од било кога се прошируваат лажните и сензационалистички вести.
Во оваа дигитална ера сите кои сме корисници мора да практикуваме повисоко ниво на медиумска писменост, која се надевам за идните генерации ќе се вметне во образовниот систем. Додека, сите кои се занимаваат со дигитален маркетинг и комуникации треба со внимание да планираат и да се адаптираат.
Имено, ќе пробам најпросто да го поделам дигиталниот маркетинг: на социјални мрежи и класичен закуп на портали.
Да почнеме со социјалните мрежи како нај брзорастечки по бројот на корисници, но и “центрифуга“ на лажните вести. Јавноста станува поскептична за информациите кои ги добива од интернет и затоа стекнувањето на нејзината доверба е отежнато. Во основата на маркетингот (особено промоцијата) е да доближи одреден бренд (производ, услуга) до странец, за потоа да го задржи со доверба која се стекнува само со искреност. Затоа повеќе од секогаш мора пораката која се испраќа од една кампања да биде ИСКРЕНА, јасна, корисна и позитивна. Тестирајте на помали групи, доколку успеете да постигнете позитивна емоција пораката е погодена. Сега Ви е дозволено да бидете креативни надвор од рамките во кои сте комуницирале претходно само за да успеете да ја пренесете позитивната емоција до корисниците. Затоа, доколку се одлучите да споделувате одредени корисни информации/совети (нормално точни) вашите корисници ќе го ценат тоа. Крвотокот кој ги одржува во живот социјалните мрежи се платените огласи. Затоа е многу важно тестирање на целите на кампањите, за да се погоди вистинскиот таргет. Сега треба повеќе да се гледа во квалитетот на корисниците отколку на самите бројки, бидејќи се ризикува голем дел од буџетот да се потроши залудно, но постои и ризик по репутацијата на вашиот бренд.
Закупот надвор од социјалните мрежи т.е. порталите мора да се ревидира. Во ерата на „лажни вести“ Content-Маркетингот е прв на удар и го губи својот кредибилитет. Сега за корисниците колку е важно ШТО ќе прочитаат од вашата реклама, толку е и важно КАДЕ ќе го прочитаат тоа. Дури и порталите кои со години ја градат довербата со читателите можно е да се завлечат во “вртлог“ на лажно информирање. Затоа најдобар избор се помалите медиуми кои се специјализирани во одреден правец. Секако ги одбирате оние кои се сродни со вашиот производ и услуга. Иако тука бројките нема да бидат ни приближно исти како големите портали, тенденција е квалитетот на потенцијалните корисници да е повисок во однос на вашата кампања. Факт е дека секојдневните политичко-општествени случувања како и нивното сензационалистичко пренесување од страна на медиумите ги носат луѓето на социјалните мрежи, но тоа ја отежнува мерливоста и квалитетот на корисниците кои имаат интеракција со вас.
Сумираме дека најважно во комуникацијата е искрената, корисна и позитивна порака. Едноставно мора да одбереме квалитет пред квантитет како на кампањи така и на корисници. Иако можеби процесот ќе бара повеќе време и посветеност резултатите ќе бидат на ваша страна.
Обидете се да го претставите Вашиот бренд како партнер и пријател на кој би можел секој да се потпре. Само така во оваа ера на „Лажни вести“ ќе ја направите разликата и ќе бидете забележани повеќе и во поквалитетен контекст. И за крај, правилото „секој маркетинг, е добар маркетинг“ сега НЕ важи!
Совет: возете со резерва по информациите на интернет. ✌