Пишува: Предраг Стојковски, извршен директор на Nova Solutions
Во далечната 1968 година, познатиот светски артист Енди Ворхол, во каталогот посветен на неговата изложба во Стокхолм, има напишано: „Во иднина сите ќе бидат светски познати на 15 минути“. Денес, 56 години од неговата изјава, таа толку стана реалност, да просто станува неподносливо.
Зошто баш неподносливо – денес кога сите имаме телефони, сите имаме профил на социјалните мрежи, сите (да не претерувам но сигурно 98%) од корисниците, станавме “content creators”, а сѐ со цел да станеме познати. (Да, се подразбира дури и авторот на текстот, па и сопственикот на овој портал :) )
Во цел тој универзум на креатори на содржина, можеме да забележиме неколку групи на луѓе – „Regular“ корисници кои објавуваат каде биле, што имаат пиено/ручано, тука ги имаме бизнисите кои генерално објавуваат и не баш толку интересна содржина, ги имаме и корисниците кои се обидуваат да бидат инфлуенсери (фотографирање на задници, мускули, автомобили… со еден збор неинвентивна и приземна содржина), но исто така имаме и корисници кои навистина прават нешто интересно и кои го разбираат функционирњето на алгоритмот на Инстаграм и Тик-Ток.
Е сега, да се насочиме кон бизнисите – бидејќи, едно е кога било која индивидуа си објавува тоа што сака да си објавува (па било тоа и како си го вежба задникот), но друго е бизнис, кој што во рамките на својот бренд и комуникација на свои вредност, треба сепак малку повеќе да се потруди за неговата содржина која (ќе) ја пласира на Инстаграм и на ТикТок да биде во рамките на тие вредности.
Исто така, треба да ги земиме во предвид и самите основи на Инстаграм и ТикТок – на Инстаграм е сѐ како Холивуд, додека Тик-Ток е како Ex-Yu кинематографија (не е толку совршено – повеќе реалност).
Тука доаѓаме до првото прашање – како до самите бизниси, така и до маркетинг агенциите, фриленсерите и сите оние кои креираат содржина: Како во континуитет и во квантитет да се креира содржина, која нема да биде досадна. Тука треба да земеме во предвид и еден клучен момент – денес добриот дизајн и добрата фотографија се само ОК. Важна е видео содржината. А сите оние кој што се занимаваат со видео, знаат колку е зафркнато (з**бано) да се креира во континуитет, квалитетна (оригинална) содржина.
Тука значи, сме сведоци на транзиција на комуникациската содржина – од статичен дизајн, до кратка видео содржина оптимизирана за актуелните социјални мрежи, а тоа сѐ во контекст на Инстаграм и Тик-Тик. И самите платформи ја фаворизираат видео содржината – споредете ги видливостите на објавите со видео содржина и со дизајн/фотографија.
Второто прашање е како да се се прилагодиме на ова транзиција – да, компаниите можат секогаш да ангажираат инфлуенсери кои ќе креираат евтина и приземна содржина („pull my finger to fart“ тип на хумор). Да, ќе се зголеми видливоста, но вредноста на брендот ќе падне. Да се разбериме, не сите инфлуенсери спаѓаат во горната група. Има инфлуенсери кои креираат сериозна оригинална содржина и кои разбираат како Инстаграм и Тик-Ток функционираат.
Третото прашање е колку бизнисите и агенциите (маркетинг) се спремни за оваа транзиција? Бизнисите пред сѐ, колку се спремни да издвојат зголемени финансии за креирање на квалитетна видео содржина, која е во склад со нивниот бренд или брендови. Агенциите од друга страна, колку се спремни да инвестираат во учење и ангажирање на квалитетни видео креатори.
Останав без одговори на прашањата, но навистина една тема за размислување, која не само што ги надминува маркетинг аспектите, туку длабоко навлегува и во психолошкиот аспект однесувањето на луѓето.